Полска се подготвува за војна: „Русите во заднина подготвуваат голема војска, ќе го нападнат Балтикот“

Точка

28/03/2025

22:13

5.069

Големина на фонт

а а а

Варшава веќе троши огромни суми за одбрана, а сега ѝ требаат луѓе. Откако Полска ја објави својата цел да го обучи секој возрасен маж за војна, државјанството во таа земја доби ново значење.

„Немаш од што да се плашиш! Се пошегувал полскиот премиер Доналд Туск со американскиот актер Џеси Ајзенберг во објава на социјалните мрежи. Имено Ајзенберг (41) добил полско државјанство претходно овој месец благодарение на неговата улога во филмот „A Real Pain“, драма номинирана за Оскар за отуѓените еврејски роднини кои повторно воспоставуваат врска на патувањето низ Полска посветено на одбележувањето на Холокаустот.

Неколку дена откако Ајзенберг станал државјанин, Туск најави амбициозно проширување на армијата. „Ќе добиеш таква обука што ќе бидеш подготвен за новиот Џејмс Бонд! му рекол Туск и нагласил дека станува збор за доброволна програма.

Децении под руска доминација

Полска помина речиси два века под руска доминација и сè уште има длабока недоверба кон Москва. Руската инвазија врз Украина во 2022 година дополнително ги зголеми овие грижи. Денес, Полска е членката на НАТО која инвестира најмногу во одбраната – дури 4,7% од БДП – ја има најголемата армија во Европската унија и троши милијарди евра на авиони, проектили, тенкови, артилерија и друго.

Сега оваа земја е на првата линија на фронтот и ги подготвува своите граѓани за можен конфликт. „Ако се случи општа војна, Полска ја нема стратешката длабочина како што ја имаат другите европски земји“, изјави за Политико началникот на Генералштабот на полската армија, генерал Вислав Кукула.

„Ние сме соседи на Русија и нејзиниот сојузник Белорусија – меѓу нас нема безбедносен појас и имаме многу малку време да реагираме и да се подготвиме“, рекол Кукула. Наместо да се потпира на територијалната длабочина како одбранбен механизам, Полска планира повеќе од двојно да ја удвои својата армија – на 500.000 војници – и да обучи милиони резервисти, најави Туск во парламентот.

„До крајот на годината сакаме да имаме модел според кој секој возрасен маж во Полска ќе биде обучен за војна, а резервистите ќе бидат подготвени за можни закани“, рече Туск, додавајќи дека на жените им е дозволено да се регистрираат. Обуката ќе биде доброволна, нагласи тој, со цел да се ублажат стравувањата од враќање на непопуларната задолжителна воена служба која била укината во 2008 година. За Полска, земја со висок приход со една од најбрзо растечките економии во ЕУ, преминувањето кон „воен начин на размислување“ ќе значи голема промена, а многу граѓани се подготвени да учествуваат.

„Навистина сакам да поминам низ таа обука и ако дојде до војна, сакам да го бранам мојот дом, да пукам во нив, од омраза кон Путин. Сакам да им го загорчам животот. Сакам да заштитам сè за што сум работел, сè што сум изградил. Во оваа земја го стекнав мојот дом, моето место, мојата безбедност – и ниту еден руски гад нема да ми го одземе тоа. Нека се вратат од каде што дошле“,рекол Марек, 37-годишен продуцент од Варшава.

План за обука

Деталите сè уште се договараат во армијата, а планот треба да биде готов до крајот на март, рекол Кукула. Набргу потоа се очекуваат и законски измени.

Владата планира да започне кратки воени обуки за цивили без претходно искуство, пренесе „Rzeczpospolita“. Овие интензивни курсеви, кои траат само неколку дена, ќе ги опфатат основите на цивилната заштита, прва помош и основни воени вештини.

За оние со претходно искуство, се планираат специјализирани курсеви за обнова на знаењето – од ракување со огнено оружје до борбена медицина и навигација на терен. Граѓаните кои сакаат потемелна подготовка ќе можат да се запишат на месечна обука, која ќе биде достапна и онлајн и во живо.

„Првата цел на програмата е да се зголеми бројот и квалитетот на резервистите. Во моментов имаме многу резервисти, но нивната просечна возраст е околу 45 години. Ако конфликтот и притисоците продолжат, ќе нѝ требаат добро обучени луѓе кои ќе можат да дејствуваат заедно со професионалните војници и силите за територијална одбрана“, додал Кукула.

„Планот е да се обучат 100.000 луѓе до крајот на 2026 година. Втората цел е уште поважна – да се подготви општеството за последиците од кризата, дури иако сите не учествуваат во воената обука“, изјавил тој.

„Русија ќе го нападне Балтикот“

Но, некои високи офицери предупредуваат дека времето не е на страната на Полска. „Русите подготвуваат голема војска во заднина. Ако не се постигне мир и ако НАТО остане поделен, Русија ќе ги нападне балтичките држави“, предупредил пензионираниот генерал Леон Коморницки. „Тоа би можело да се случи веќе на крајот од оваа година или на почетокот на следната година. Инвазијата е дел од нивниот план“, додал тој.

Јарослав Крашевски, поранешен командант на ракетните и артилериските сили, смета дека планот на Туск е задоцнет обид. „Да се обучуваат 100.000 луѓе годишно? Премалку. Воената служба треба да биде вратена“, рекол тој. „Навикнати сме на удобен живот, демократија и патување, а заборавивме дека секој мора да има барем основни познавања од одбраната“, истакнал Крашевски.

Анкетите покажуваат дека планот има одредена јавна поддршка – но не едногласна.

Повеќе од половина од Полјаците ја поддржуваат идејата, а 39% изјавиле дека би учествувале во обуката, покажало едно истражувањето. Друго истражување покажало дека две третини од граѓаните ќе останат во земјата во случај на војна, додека една третина ќе се обидат да побегнат.

„Доколку дојде до војна – што го сметам за малку веројатно, но не и невозможно – задолжителната воена служба сигурно ќе се врати, а на мажите нема да им биде дозволено да ја напуштат земјата“, рекла новинарката Патрикја Виецоркиевич од „Krytyke Polityczne“. „Не можам да замислам да побегнам во таква ситуација, да ги оставам пријателите и колегите зад себе“, додала таа.

Сепак, таа нагласила дека нејзината мотивација не е патриотизмот. „Не би се борела за Полска, туку против фашистички и империјалистички агресор кој убива, силува и измачува. Според она што го рече Туск, програмата ќе биде широка, вклучувајќи обука за возење камиони, па верувам дека ќе има нешто и за мене“, истакнала Виецоркиевич.

Сите не се подготвени да војуваат

Сепак, сите не се подготвени да ја бранат државата со оружје.

„Gazeta Wyborcza“ објави изјави од урбани Полјаци кои сметаат дека државата не им дала доволно за да чувствуваат должност да ѝ возвратат.

„Ја сакам мојата земја, но тоа не значи дека треба да умрам за неа. Во војна не би имал никаква вредност – би бил само топовско месо“, рекол еден студент. „Мојот патриотизам се сведува на даноците што ги плаќам, додека државата не ми нуди реална шанса да основам семејство во пристојни услови“, додал тој, мислејќи на превисоките цени на становите и најскапите станбени кредити во Европа.

За програмата да биде успешна, државата мора да вложи дополнителни напори, смета воениот аналитичар Марек Козубел. „Финансиските стимулации ќе бидат клучни, заедно со паметна маркетинг кампања која исто така ги истакнува вештините кои се корисни во цивилниот живот – како што е познавање на дронови или механика“, рекол тој.

Според Кукула, обуката ќе вклучува знаење корисно и за војна и за мир – како што е сајбер безбедноста или медицинска помош. „Овие вештини можат да бидат вредни и на пазарот на труд. Се разгледуваат и даночни олеснувања или бенефиции за учесниците и нивните работодавци. Сакаме јасно да покажеме дека државата ги цени оние кои придонесуваат за одбраната“, рекол генералот.

„Никој нема да биде одбиен“, порачал министерот за одбрана Владислав Косинијак-Камиш. „Не секој ќе стане војник, но може да помине низ цивилна обука, да научи прва помош и како да реагира во кризни ситуации“, додал тој.

Обуката за возрасни е дел од поширокиот систем што владата на Туск го развива, очекувајќи го најлошото од Русија. Училишната програма „Образование со армијата“ се шири, а наставата по физичко треба да вклучува и елементи од цивилна заштита, можеби веќе од септември.

„Ако сме подготвени – и ако Русија го знае тоа – тоа ќе биде силен фактор на одвраќање. Според мене, доволно силен да ја спречи Русија воопшто да започне конфликт“, нагласил Кукула.