„iPad“ на Епл по пет години поминати во кал помогнал во решавање на кривично дело

Точка

28/03/2025

11:19

1.915

Големина на фонт

а а а

Од Велика Британија пристигнува приказна како од холивудски филм, а главната улога ја имал „iPad“ на Епл, кој ја толкувал улогата на „херој“ во решавањето на случај на кражба и обид за убиство.

Сè започнало со кражба на вазна од династијата Минг од швајцарски музеј, пукање во куќа на комичар во Вудфорд, Лондон и грабеж на луксузен стан. На прв поглед овие случаи не делуваат поврзано, но всушност се дел од сложената мрежа на меѓународен криминал, која полицијата успеала да ја разоткрие по шестгодишна истрага, пишува „Apple Insider“.

Клучниот момент се случил кога „iPad mini“ бил пронајден закопан под кал и песок на брегот на реката Темза. Овој таблет се покажал како клучен доказ кој ѝ помогнал на полицијата да го реши случајот. Благодарение на овој уред, три лица биле осудени за вмешаност во обид за убиство на еден од најозлогласените британски крадци.

Еден од најважните моменти во решавањето на случајот се случил во ноември 2024 година, кога една мала трага во изјавата ја однела полицијата на одредена локација на брегот на реката Темза. Со помош на детектор за метал, под песокот и калта бил пронајден „iPad“. Благодарение на тим форензичари, полицијата добила СИМ-картичка и податоци кои ги поврзувале „iPad“, „iPhone“ и неколкумина осомничени и на тој начин го решиле случајот.

Полицијата успеала да ги пронајде е-поштата на главниот осомничен и неговиот соработник, а биле испитани вкупно 59 купувања на Амазон и „eBay“. Меѓу купените предмети бил и нерегистриран телефон Нокиа, кој се користел за координирање на заговорот за убиство.

На крајот, тројцата мажи, кои се искусни меѓународни криминалци, биле изведени пред лицето на правдата откако детективите ја следеле нивната отфрлена технологија. Тие беа осудени за заговор за убиство, а казната ќе им биде изречена на 25 април.

Инаку ова не е првиот уред на Епл кој одиграл улога во решавање на кривично дело. Уредите „AirTag“ на Епл стануваат херои на бројни приказни, помагајќи да се пронајдат украдени предмети, но исто така ѝ помагаат на полицијата да ги фати крадците.