Кривичниот суд во Париз во четвртокот објави дека на 13 мај ќе ја изрече пресудата за актерот Жерар Депардје за сексуално вознемирување две жени за време на снимањето филм во 2021 година.
Француското Обвинителство во четвртокот побара 18-месечна условна казна и глоба од 20.000 евра за Депардје, објави весникот „Ле Паризиен“ и другите медиуми.
Седумдесет и шестгодишниот Депардје, истакната личност во француската кинематографија, е обвинет за сексуално вознемирување две жени за време на снимањето филм од 2021 година. Ова е првпат актерот, кој се соочува со многубројни обвинувања за сексуално вознемирување во текот на годините, да биде изведен пред суд.
Депардје призна дека ја фатил една од жените за бутот, но негира дека тоа е напад. Неговиот адвокат рече дека наводите против клиентот се лажни и дека истражителите биле пристрасни.