ВМРО-ДПМНЕ: Не е доволно Јон Фрчкоски да поднесе оставка

Макфакс

27/03/2025

10:57

6.969

Големина на фонт

а а а

Не е доволно Јон Фрчкоски да си поднесе оставка од измислена партиска функција. Системот треба да функционира и надлежните органи да го повикаат на распит. Во спротивно од кога тоа шмркање на кокаин може да се прости со изјава дека е „слабост од минатото“ како што ја опиша Фрчкоски во јавното признание, реагираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„СДС молчи за Јон Фрчкоски, дали тоа значи дека Венко Филипче одобрува шмркање на кокаин? Директорот на Центарот за анализи на СДС, Јон Фрчкоски не беше единствениот кој беше фатен во нарко афера. Ќе потсетиме дека втората нарко афера во оваа партија беше на водачот на Шарената револуција и нивен пратеник, Павле Богоевски. Тоа беше афера каде на снимка чија автентичност Богоевски ја потврди, се гледаше како нарачува психотропна наркотична супстанца“, се наведува во соопштението.

Од друга страна, велат од ВМРО-ДПМНЕ, Јон Фрчкоски порано и помошник директор во Јавното претпријатие за станбен и деловен простор се гледа како шмрка кокаин на работно место.

„Ете тој ист човек, инаку син на таткото на транзицијата, Љубомир Фрчкоски, сега дели пораки за правда од партиската говорница на СДС. Значи има најмалку две лица СДС. Едно кога држи лекции за морал и правда, и друго кога зад затворени врати шмркаат кокаин, прават криминал и разврат. Од друга страна, тој силата ја доби од СДС, и партијата не може едноставно да молчи. Зошто СДС не се огради од Јон Фрчкоски? Дали Венко Филипче одобрува шмркање на кокаин? Дали СДС ќе се извини и ќе побара во овој случај институциите да постапат согласно закон?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Јон Фрчкоски вчера објави дека се повлекува од функцијата директор на Центарот за истражување и анализи на СДСМ, по обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека бил виден како користи кокаин и го повикаа да направи јавен нарко тест за утврдување на психотропни супстанци.