Руте повика на нормализација на односите со Русија по завршувањето на војната во Украина

Макфакс

14/03/2025

17:28

397

Големина на фонт

а а а

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска повика на нормализација на односите со Русија по завршувањето на војната во Украина.

„Нормално е, ако војната некако престане, Европа, чекор по чекор, а исто така и САД, чекор по чекор, да ги обноват нормалните односи со Русија“, рече Руте во интервју за ТВ Блумберг.

Сепак, тој посочи дека се уште не е време за тоа и дека е неопходно да се продолжи притисокот врз Русија за Москва „сериозно да ги сфати преговорите“.



„Мораме да продолжиме да ги притискаме за да се увериме дека се подготвени сериозно да се вклучат во разговори со американската администрација и, се разбира, со Украинците“, рече Руте, пренесува Танјуг.

Блумберг наведува дека најважната задача на Руте е да го одржи ангажманот на САД во НАТО, додека американскиот претседател Доналд Трамп се заканува дека ќе ја повлече таа земја од Алијансата бидејќи, како што наведува, другите членки не одвојуваат доволно средства за одбрана.

Се забележува дека еден од најголемите адути на генералниот секретар на НАТО е неговиот добар работен однос со Трамп, кој беше воспоставен за време на првиот мандат на Трамп во Белата куќа, кога Руте беше премиер на Холандија, анализираат медиумите.

Откако дојде на чело на НАТО, Руте ги зголеми инвестициите во одбраната и трошоците, а Алијансата ќе се обиде да ги зголеми целните трошоци на членките за одбрана на најмалку три проценти од БДП на следниот самит во јуни. Трамп побара од сојузниците да издвојат пет отсто од БДП за одбраната.