Аргентинскиот фудбалер Анхел Ди Марија изјави дека сè уште пие лекови за да се избори со притисокот и разочарувањето поради поразите во три последователни финалиња на големи натпревари со репрезентацијата.
Ди Марија во 2022 година го освои Светското првенство во Катар со Аргентина, а две години подоцна и Копа Америка во САД, по што во распон од три години ги изгуби финалињата на Копа Америка и Светското првенство во 2014.
„Заради тоа сè уште пијам лекови. Успеав да ја намалам дозата. Сега сум многу подобро, но тоа е нешто што создава зависност … Тоа се работи кои остануваат со вас, кои ве обележуваат“, изјави Ди Марија за "Infobae", а пренесе "ESPN".
Тој додаде дека му е жал за бројни поранешни соиграчи од репрезентацијата кои не успеале да ја освојат титулата со Аргентина.
„Кој се сеќава на момците кои стигнале до финале на Светско првенство и не победиле? Многу малку, и ми се чини непријатно. Кој зборува за тие играчи? Никој. Многу малку луѓе можат да ви кажат како играле. Многу пати сум го кажувал тоа кога станавме светски шампиони, кога ја освоивме Копа Америка, секогаш сум велел дека тие трофеи се освоени и благодарение на претходната генерација“, рече Ди Марија.
Тој се повлече од репрезентацијата минатото лето и изјави дека не жали за ништо. За Аргентина одигра 145 натпревари и постигна 31 гол.
„Во репрезентацијата бев 16 години и исто е како да бев во клуб. Тешко е, но донесов исправна одлука. Ме привлекува, затоа што тоа е репрезентацијата. Остварив сè што сакав. Заминав онака како што сакав да заминам… Се надевам дека еден ден повторно ќе бидам таму, во поинаква улога“, изјави 37-годишниот фудбалер на Бенфика.