Николо Фаџоли во последен момент го комплетираше преминот во Фиорентина и целата документација за реализација на зделката пристигнала во италијанската Федерација на десет минути пред полноќ, нешто што сепак се покажало како доволно долго време за да се регистрира неговиот трансфер.
Јувентус се откажа од својот надежен фудбалер и го испрати на позајмица во Фиорентина до крајот на сезоната, но клубот од „Артемио Франки“ има можност да го откупи на крајот на сезоната, по што би добил и долгорочен договор од „виолетовите“.
Фиорентина во дадениот случај водеше жестока битка со Олимпик Марсеј и на крајот успеа да ја добие истата, пред се благодарение на желбата на фудбалерот да остане во Италија.
Имено, како што ексклузивно пренесува „Газета“, Фаџоли направил и мал хаос пред крајот на зимскиот преоден рок со игнорирање на повиците кои ги добивал од Марсеј, па за да се заврши операцијата на поџентлменски начин, морал да реагира и Масимилијано Алегри.
Според информациите, Макс му се јавил на Фаџоли и побарал од него да одговори на повиците кои ги добива од Франција, или поточно од тренерот Де Ѕерби. По ваквиот совет, Николо се јавил на својот сонародник и лично му соопштил дека ја чека завршната понуда од Фиорентина, која на крајот ја дочека за реализација на трансферот кој сега му носи нова шанса за докажување во италијанската елита.