ЕУ: Се надеваме дека САД ќе го сменат мислењето за напуштање на СЗО

Макфакс

21/01/2025

15:12

464

Големина на фонт

а а а

Светската здравствена организација (СЗО) жали за одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ги повлече САД од глобалната агенција и се надева дека ќе се премисли, а ЕУ изразува загриженост за најавата за повлекување и исто така се надева дека одлуката сè уште се разгледува.

„Се надеваме дека САД ќе се преиспитаат и навистина се надеваме дека ќе има конструктивен дијалог за доброто на сите, за Американците, но и за луѓето во светот“, рече портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ, на брифинг со новинарите во Женева.

За време на својот прв ден на функцијата Трамп го исполни предизборното ветување дека ќе стори сè што е во негова моќ за да го прекине членството на САД во агенцијата на ОН со седиште во Женева.

Сепак, тоа нема да се случи веднаш. Неговата администрација исто така мора писмено да го извести генералниот секретар на ОН за повлекувањето. Потоа ќе треба една година да стапи во сила.

„Светската здравствена организација жали поради најавата дека Соединетите Американски Држави имаат намера да се повлечат од организацијата“, се вели во соопштението на СЗО.

„СЗО игра клучна улога во заштитата на здравјето и безбедноста на луѓето во светот, вклучително и Американците, со решавање на основните причини за болеста, градење посилни здравствени системи и откривање, спречување и реагирање при итни здравствени случаи, вклучително и појава на болести, често на опасни места на кои другите не може да одат“.

САД се убедливо најголемиот придонесувач за СЗО. Во 2023 година нивното учество во буџетот беше 18 проценти. СЗО ќе анализира што би значело повлекувањето на САД за нејзините програми, соопшти агенцијата, додавајќи дека е премногу рано да се даваат детали.

Гневот на Трамп кон СЗО датира од пандемијата на коронавирусот. За време на неговиот прв мандат тој се обиде САД да ја напуштат Организацијата, но Џо Бајден стана претседател пред истекот на рокот од една година и ја поништи наредбата на Трамп.

Трамп ја обвинува СЗО за злоупотреба на средства и лошо управување со пандемијата.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи во вторникот рече дека Пекинг е загрижен поради извршната наредба на Трамп, а германскиот министер за здравство го нарече удар за меѓународната борба против глобалната здравствена криза.