[ВИДЕО] Објавена снимка од хрватскиот вицепремиер како пука од автомобил на улица, си поднесе оставка

Макфакс

18/01/2025

14:46

1.328

Големина на фонт

а а а

Вицепремиерот и министер за земјоделство, шумарство и рибарство Јосип Дабро од десничарското Движење Татковина поднесе оставка поради видеото на кое тој пука со пиштол низ прозорец на автомобил во близина на населено место.

Хрватските медиуми јавуваат дека тој испукал девет истрели.

„Според она што може да се види на видеото, Дабро се вози на совозачкото седиште и е облечен лежерно, облечен во шорцеви и маичка, што навестува дека видеото е снимено во потоплите денови. Во позадина се слуша народна песна“, пренесе „Индекс.хр“.

Изгледа дека пукал во близина на населено место бидејќи низ прозорецот се гледаат уличните светла, а во еден момент се гледа и куќа. На снимката, Дабро најпрво го репетира пиштолот и вели: „Само за брат ми Марио“.

Потоа преку прозорецот испукува девет истрели од пиштол, а потоа пее. Кон крајот на снимката, Дабро го става пиштолот во просторот во близина на совозачкото седиште каде што седи и вели: „Поздрав, брат Марио, добра ноќ“.

„Тоа е истрел од пред неколку години, а јас пукав од пиштол со ќорци“. „Тоа беше некаква приватна прослава, можеби дури и раѓањето на синот на мојот брат“, се обиде да се оправда пред медиумите.

Сепак, според информациите од упатени извори, синоќа на разни затворени групи почнале да излегуваат повеќе снимки од Дабра, кој очигледно сакал да се снима додека пука, пишува „Јутарњи лист“.

Информациите за нови скандалозни снимки од пукотници на отворено стигнаа до врвот на владата, поради што премиерот Андреј Пленковиќ побара веднаш да поднесе оставка.

Еден од соговорниците на „Јутарњи лист“, кој е добро информиран за синоќешните случувања во Владата, вели дека објавените снимки биле правно, политички и морално неодбранливи, но дека снимката која јавноста се уште не ја видела е капката што ја прелила чашата.

Во текот на ноќта Дабро најави оставка и прес-конференција на Фејсбук.