Научниците за прв пат успеаја да ги следат промените во мозокот во текот на целокупната бременост, од периодот пред зачнувањето до постпарталниот период. Нивното истражување открива како хормоните, како што се естрогенот и тестостеронот, силно влијаат врз мозокот, обликувајќи го расположението, меморијата и многу нешта.
Студијата објавена во списанието „Nature Neuroscience“ документирала промени во мозокот на една жена скенирајќи го 26 пати во текот на бременоста – пред, за време и по породувањето. Резултатите откриваат дека бременоста ги менува мозочните структури, како што е намалувањето на сивата маса и белата маса која станува посилна, пишува „National Geographic“.
Сивата маса, одговорна за когнитивните процеси како учењето и социјалната перцепција, се намалува за време на бременоста. Оваа промена не е загрижувачка бидејќи слични процеси се случуваат за време на пубертетот за мозокот да стане поефикасен. Научниците веруваат дека овие промени им овозможуваат на мајките подобро да се адаптираат на потребите на своето дете, како што е зголеменото чувство за социјални знаци.
Белата маса, која ги поврзува невронските мрежи, се зајакнува во вториот триместар, но се враќа на почетното ниво до породувањето. Овие промени потенцијално ги подобруваат когнитивните способности, но ова бара дополнително истражување.
Промени кои траат со години
Студијата покажа дека промените во сивата маса траат и до две години по породувањето. Научниците откриле дека овие промени се поврзани со зголеменото ниво на хормони како што се естрадиол и прогестерон. Интересно, врз база на скенирањето на мозокот може да се идентификува дали некоја личност била бремена, дури и децении подоцна.
Промените во мозокот за време на бременоста можат да имаат и позитивни и негативни ефекти. Депресијата за време на бременоста и по породувањето погодува помеѓу 10 и 20% од мајките, а многумина остануваат недијагностицирани. Ова истражување може да помогне да се препознаат типичните модели на промени во мозокот и да се идентификуваат оние кои укажуваат на ризик од перинатална депресија.
Занемарена тема во науката
И покрај фактот дека повеќето жени доживуваат бременост во текот на нивниот живот, ефектите од овој период врз мозокот остануваат недоволно истражени. Помалку од 0,5% од статиите за невронаука објавени во последните 25 години се однесуваат на теми специфични за здравјето на жените.
Причината? Бремените жени честопати се исклучени од истражувања како што се скенирање со магнетна резонанца како мерка на претпазливост, иако е докажано дека таа е безбедна. Емили Џејкобс, една од авторките на студијата, истакнува дека историското запоставување на женското тело во биомедицинската наука е дел од поширок проблем.
Ваквото истражување е важно не само за разбирање на бременоста, туку и за други хормонални промени како што се менопаузата и хормонската терапија. „Незнаењето за овие феномени не им штети само на жените – им штети на сите“, заклучува Џејкобс.