Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, денеска одржа прес-конференција на која зборувал на повеќе теми поврзани со работата на клубот, а најактуелен случај беше регистрацијата на Дани Олмо и Пау Виктор.
Двоецот доби шанса да биде во составот во финалето на Суперкупот по одлуката на Националниот спортски совет, а дел од клубовите јавно реагираа поради ваквото сценарио. Меѓу нив не беше Реал Мадрид, противникот на Барса, кој со својот молк го налути и првиот човек на Ла Лига, Хавиер Тебас.
Лапорта денеска изразил благодарност до клубовите кои не се инволвирале во случајот.
– Нема да откривам приватни разговори, но ќе кажам дека сум благодарен на клубовите кои не се свртеа против нас.
– Можеби сме ривали на теренот, но имаме став за оваа работа, не сум среќен поради оние кои излегоа со обвинувања на наша сметка. Тие што не го направија тоа очигледно имаат правни советници кои ги познаваат законите.
– Зборував со Флорентино, нема да откријам детали, но дефинитивно зборувавме за организацијата на Суперкупот и подобрувањата кои може да бидат направени, – рекол Лапорта.