Пренџов: ДУИ немаат јасна визија и став, предлагаат бесмислена интерпелација за Меџити која нема да ја поддржиме

Макфакс

10/01/2025

20:46

241

Големина на фонт

а а а

На денешната собраниска седница за интерпелации зеде збор пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов кој во однос на интерпелацијата за Изет Меџити, предложена од ДУИ, истакна дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да ја поддржи затоа што предлагачите немаат јасна визија, конкретни причини односно немаат јасен став и дека станува збор за бесмислени дискусии со намера ДУИ да направи дефокус којшто не оди во прилог на никого.

„Почитувани колеги од ДУИ ве гледам, тешко зборувате дел од вас нешто пелтечат, немате јасна визија, јасен став, немате јасни причини. Сметам дека дефокусот од она кое се случува во општеството во слика на некој лажен патриотизам, не оди во прилог на никого. Сметам дека обидот за било какво влошување на меѓуетничките односи не е добро и тоа нема да ви го врати изгубениот рејтинг. Тоа нема да ви ја врати изгубената доверба кај гласачите, туку тоа носи последици“, вели Пренџов.

Пратеникот Пренџов наведе дека ДУИ треба да го подржат транспарентното работење на Владата и мерките кои се во интерес на сите граѓани во Република Македонија, затоа што тие се суштински за подобро функционирање на државата.


„Она коешто треба да го подржите, се мерки на Владата коишто се од интерес на сите. Еден збор не кажавте дека покачувањето на 5000 денари на пензионерите е за сите, еден збор не кажавте дека новиот автопат од Тетово до Гостивар ќе го возиме сите, ќе го возиме сите конечно автопатот од Кичево до Охрид. И таа ваша малодушност којашто гласачите ја гледаат, во октомври на локални избори ќе ви ја соопштат многу по јасно, бидејќи, очигледно, не го разбирате пулсот на обичниот човек“, рече Пренџов.

Исто така, пратеникот додаде дека пратеничката група нема да ги поддржи интерпелациите и дека време е ДУИ да се реформираат како нормална партија во опозицијата и да се приклучат на промените.

„На Република Македонија и треба стабилност и треба подобар стандард, просперитет, подобро здравство и подобро образование. Приклучете се на промените како опозиција, реформирајте се како нормална партија во опозиција. Овие интерпелации не ги поддржуваме, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да ги поддржи. Поддржуваме политики за развој на сите, за просперитет на сите и за едно подобро утре на цела Република Македонија”, кажа тој.