Костова: Цените на 63 основни производи наместо да бидат намалени за 10%, биле зголемени за 397 денари

Макфакс

09/01/2025

13:59

323

Големина на фонт

а а а

Новогодишните кошнички завршија како фарса. Цените на 63 основни производи, наместо да бидат намалени за 10%, биле зголемени за 397 денари. Основните производи станаа луксуз за многу семејства, изјави денеска потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.

Според неа, зејтинот, јајцата и млечните производи се поскапени, а нема раст на платите. Костова истакна дека во изминатите неколку месеци, се излеани десетици милиони евра од џебовите на граѓаните, во интерес на големите трговски синџири.

-Платите стагнираат, а трошоците растат. Граѓаните се соочуват со избор дали да купат храна или да платат сметки. Оваа ситуација е неодржлива и потребни се итни и храбри чекори за да се врати контролата врз цените и да се заштити животниот стандард. Владата да ги прифати мерките на СДСМ. Само преку укинување на ДДВ на храна, преку воведување на контрола на цените и зголемување на минималната плата, можат да се намалат финансиските маки на граѓаните. Минималната плата мора да се покачи на 500 евра – се пониско од тоа е навредливо и понижувачко за граѓаните, рече Костова.

Таа додаде дека сегашната состојба е неприфатлива и неодржлива за граѓаните.

„Животот во Македонија не треба да биде борба за основна егзистенција. Време е за промени – реални, системски и веднаш применливи мерки кои ќе ги стават граѓаните, а не привилегираните, на прво место. Граѓаните заслужуваат власт која вистински ќе се грижи за нивните потреби, а не за профитите на големите трговци и бизнис партнери“, заврши Костова.