Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) побара од власта целосно да се откаже од измените на Законот за заштита на децата, поради спорните одредби што ги содржи.
„Го поздравуваме непотпишувањето на Указот од страна на претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, со што се отвора можноста за повторно разгледување. Бараме од Владата да се повлече од намерата за измена на Законот,“ соопштуваат од СДСМ.
Од партијата ги истакнуваат како спорни Членовите 9 и 10 од предложените измени, кои предвидуваат воведување двојазични лиценци за детска заштита.
„Овие одредби се регулирани со друг закон за употребата на јазиците, но и со Уставот на државата, што дополнително го прави предлогот контроверзен,“ додаваат од СДСМ.
Тие го критикуваат и враќањето на процедурата за издавање лиценци од дигитална на хартиена форма.
„Ова отвора простор за злоупотреби, партизација и доделување на лиценци по партиски клуч, наместо транспарентен и објективен процес,“ се вели во соопштението.
СДСМ ја осуди и процедурата на носење на Законот, која според нив, била насилно туркана низ Собранието.
„Власта го префрли предлог-законот од матичната Комисија за социјална политика на Комисијата за енергетика, со што беше прекршен Деловникот. Ова беше направено само за да се заобиколи блокадата на матичната комисија поради неприфаќањето на Законот за посебните права на бранителите,“ истакнуваат од партијата.
Според СДСМ, ваквите чекори покажуваат дека „ВМРО-ДПМНЕ ѝ должи многу на Вреди“, но предупредуваат дека правниот поредок на државата не смее да биде загрозен поради политички договори.
„Ги повикуваме надлежните институции и јавноста будно да го следат процесот и да не дозволат ваквите спорни измени да стапат на сила,“ апелираат од СДСМ.