Експерти: Настрешницата во Нови Сад била 23 тони потешка од дозволеното

Макфакс

31/12/2024

18:37

1.669

Големина на фонт

а а а

Конструкцијата на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, која се урна на 1 ноември и усмрти 15 лица, била за 23,11 тони потешка од првично проектираната, се вели во извештајот на вештачењето, пренесува Н1 Србија.

Имено, Техничкиот факултет во Нови Сад – отсек за градежништво и геодезија, по наредба на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, изврши вештачење на зградата на Железничката станица во Нови Сад, со цел да се утврди причина за уривање на настрешницата.

Според мислењето на вештото лице, меѓу другото се наведува дека „конструкцијата на настрешницата во моментот непосредно пред кршењето била оптоварена со оптоварување што е поголемо од првично проектираното за околу 107 кг/м2, т.е. за околу 23,11 тони“, пишува Н1 Србија.

Стручниот тим на експерти во извештајот наведува и дека „тие сметаат дека визуелните индикации за такво нешто мора да биле забележливи во деновите пред уривањето на настрешницата“.

„Клучниот конструктивен елемент за обезбедување на носивоста и стабилноста на настрешницата, бил во состојба на намалена носивост и зголемено оптоварување во моментот на уривањето“, наведуваат од Факултетот во заклучоците на пресметковна анализа.

„Намалената носивост ја потврдија резултатите од лабораториските испитувања на Институтот ИМС, според кои, во моментот непосредно пред уривањето, околу 40 отсто од жиците во затегнувачите биле во дефект. Причината за ваквата состојба била корозија која настанала на спојот на затегнувачот и кровниот носач. Овој дефект можел да се утврди со увид на конструкцијата при контролни проверки пропишани како дел од редовното одржување на објектот“, се наведува во заклучокот.