Никола Јокиќ игра во неверојатна форма и оваа сезона и повторно е голем фаворит за МВП признанието во НБА лигата, па во тој стил продолжи и рано утрово на натпреварот против Јута.
Тимот на Денвер ги победи „џезерите“ на нивни терен со 121:132, а најзаслужен за тоа беше разиграниот Србин кој одново испорача чудесен трипл-дабл.
Јокиќ постигна 36 поени и значајно придодаде во офанзивна смисла, но брутален беше и во двата правци бидејќи успеа да собере дури 22 скокови. Трипл-дабл учинокот го комплетираше со 11 асистенции, а притоа на натпреварот украде и четири топки.
Овојпат, Јокиќ доби голема поддршка и од соиграчите, од кои посебно се истакна Расел Вестбрук кој исто така забележа трипл-дабл, кој интересно е 201-ви во неговата кариера. Расел постигна 16 поени, имаше 10 скокови и 10 асистенции, а утрово беше перфектен и не промаши ниту еден шут од игра (7/7).
Џордан Кларксон со 24 поени беше најефикасен во редовите на Јута, а два помалку запиша Секстон.
НБА резултати:
Вашингтон – Њујорк 106:126
Шарлот – Чикаго 108:115
Њу Орлеанс – ЛА Клиперс 113:116
Јута – Денвер 121:132
Сакраменто – Далас 110:100
Голден Стејт – Кливленд 95:113
Портланд – Филаделфија 103:125