Гери Невил се претвори во еден од најжестоките критичари преку студиото на „Скај Спортс“ во последните десетина години, а иако најчесто со прави дели лоши коментари за познатите ѕвезди во Премиер лигата, легендарниот дефанзивец и самиот е свесен дека има моменти кога ја минува границата.
Во најновото шоу на „Скај Бет“, Невил призна дека жали за лошите коментари кои ги давал за Бразилецот Давид Луиз и за Челси по катастрофалната сезона која ја имаа лани, но навраќајќи се на некои поодамнешни коментари, откри и една интересна анегдота за Лорис Кариус.
Невил беше навистина груб кон германскиот чувар на мрежата и своевремено тврдеше дека Ливерпул никогаш нема да освои титула со него на голот, а Гери откри дека неколку години подоцна се покајал за своите коментари при една лична средба со голманот.
– Се сеќавам на неколку мои такви епизоди, а една од нив е и онаа со Лорис Кариус. Бев навистина брутален додека беше млад голман во период од два или три месеци. Ливерпул стануваше подобар под водство на Јирген Клоп, а јас се сеќавам дека кажав дека никогаш нема да ја освојат титулата со Кариус на голот.
– Тоа е претежок заклучок за еден млад голман, испадна дека бев во право, но тоа беше премногу од моја страна. Се сеќавам дека еднаш заминав во Италија и бев сместен во хотел. Влегов во теретаната за да имам тренинг и таму наидов на високо момче кое креваше големи тегови. Тоа беше Кариус. Можеше да направи многу работи и да тргне кон мене, а јас во себе веднаш се сетив какви работи кажав за него. Наместо да направи такво нешто, тој само ми рече дека му е мило што ме гледа, а јас во тој момент се почувствував виновен за тоа што бев толку остар кон него. Тоа беше добра лекција, – открива Невил.