Спасени уште пет лица, потрагата по исчезнатите од потонатиот туристички брод во Египет продолжува: имало туристи од 11 земји

Макфакс

26/11/2024

21:20

617

Големина на фонт

а а а

Петмина преживеани беа спасени, а четири тела извлечени од Црвеното Море откако потона туристичкиот брод, изјави локален претставник.

Се верува дека двајца Британци се меѓу исчезнатите.

Египетските воени сили, кои ги координираат операциите, сега спасија 37 лица од 44 на бродот. Тоа значи дека седум лица се уште се водат како исчезнати, а спасувачките тимови ги „интензивираат напорите“ за нивно пронаоѓање, пренесуваат светските медиуми.

Гувернерот на регионот на Црвеното Море, Амр Ханафи изјави дека во вторникот биле спасени двајца Белгијци, еден Швајцарец, еден Финец и еден Египќанец, а биле пронајдени четири тела, но нивната националност не е позната.

„На преживеаните им се пружа потребната медицинска нега“, рече тој во изјавата на Фејсбук, пишува „Скај њуз“.


Туристичкиот брод „Sea Story“ долг 34 метри потона во понеделникот јужно од египетскиот крајбрежен град Марса Алам. Меѓу странските државјани на бродот имало од Велика Британија, Ирска, САД, Германија, Полска, Белгија, Швајцарија, Финска, Кина, Словачка и Шпанија.

Според зборовите на лицата на бродот, „висок морски бран го погодил бродот и предизвикал да се преврти за околу пет или седум минути“, рече Ханафи.

Некои патници биле во кабините, поради што не можеле да излезат од бродот, се додава во неговата изјава.

„Sea Story“ го напушти Порт Галиб, 63 километри северно од Марс Алам, во неделата и требаше да пристигне на својата дестинација во Хургада на 29 ноември. Официјалните лица рекоа дека повикот за помош бил примен во 5:30 часот по локално време во понеделникот. Бродот потонал на 46 наутички милји од брегот на Марс Алам.



Спонзорирани линкови

Маркетинг