Точка интервју со Игор Ангелов: Преставата „Замисли нов свет“ нè поттикнува да покажеме поголема емпатија и да ги надминеме разликите

Точка

21/11/2024

13:15

431

Големина на фонт

а а а

Во Македонскиот народен театар напорно се работи на новата претстава „Замисли нов свет“, базирана на делата на Горан Стефановски. Еден од ликовите во претставата го толкува актерот Игор Ангелов, познат по повеќе театарски, филмски и телевизиски проекти, со кого имавме можност да поразговараме за визијата и за процесот на работа во овој нов проект.

Претставата е дел од иницијативата #НаправиМесто, со која се упатува повик за разбирање и меѓусебно прифаќање, теми кои Горан Стефановски ги обработува во неговите дела. А целта на претставата „Замисли нов свет“ е практично истата: да нѐ натера да размислиме за тоа каков е, но и каков може да биде светот околу нас ако покажеме поголема емпатија и ги надминеме разликите.


Долги години сте на драмската сцена и зад себе имате оставено низа на уникатни улоги вредни за паметење. Но, дали првпат играте лик од творештвото на Горан Стефановски? И што значи за вас тоа што сте дел од еден ваков текст, еден ваков проект?

Игор Ангелов: Текстовите на Горан Стефановски сметам дека треба да се задолжителен сегмент во професионалниот опус на секој актер. Имав ретка прилика да играм во праизведбата на „Огнени Јазици“, режирана од Слободан Унковски во Драмскиот театар, каде Горан заедно со режисерот и актерите на лице место интервенираше во текстот и креативно учестуваше во создавањето на претставата. Исто така, пред неколку години во Драмски беше поставена „My name is Goran Stefanovski“, претстава по мотивите на неколку негови драми. Секогаш е задоволство да се играат текстовите на Горан, а оваа претстава ми е некако особено драга, поради нејзината тематика и начинот на кој беше создадена.

Како дојде до можноста да се реализира овој проект?

Игор Ангелов: Со режисерката Нела Витошевиќ имаме работено многу претстави и блиските театарски естетики и јазик кои двајцата ги негуваме доведе до тоа да имаме постојани соработки и добро да се разбираме. Меѓусебната доверба ни го донесе и ова ново театарско патување, па беше некако логично уште еднаш да ги здружиме силите за оваа претстава.


Дали постои лична врска со темите кои се истражуваат во претставата?

Игор Ангелов: Да, апсолутно, театарот постои за да ги обработува личните приказни, животи, ситуции и секој човек може да се идентификува со нив. Во секоја изведба оставаме дел од нас, но и по секоја изведба публиката си заминува со нови размислувања за светот кој ги опкружува.

Како текстот на Стефановски влијае на вашата интерпретација и емоционална изведба на сцената?

Игор Ангелов: Се работи за модерен автор кој во неговите дела обраборува актуелни теми со современа драматуршка естетика која е многу блиска до мојот актерски хабитус и е лесно да се обработи и да се пренесе на публиката. Неговата инспирација доаѓа од свет кој нам ни е близок и кој го разбираме, свет од кој можеме да видиме примери насекаде околу нас. Понекогаш тоа ја прави и самата изведба поемотивна, затоа што знаете од каде доаѓа мотивот на она што Горан го напишал.


Зад реализацијата на „Замисли нов свет“ стои и Македонски Телеком, кој ќе ја овозможи поставката на оваа претстава во МНТ. Ве радува ли вас како актер кога ќе видите дека големите организации покажуваат интерес за домашната уметност?

Игор Ангелов: Апсолутно и сметам дека секоја голема компанија треба да инвестира во создавањето на уметнички дела преку кои ќе се прават општествени преиспитувања и поместувања. Ме радува што Телеком е иницијатор на ваков проект и што ја гледа големината и важноста на Горан за ова наше општество.


Како е искуството со режисерката Нела Витошевиќ и како таа влијае на вашата интерпретација на ликот?

Игор Ангелов: Нела е ретко добра режисерка на нашите простори: внимателна, прецизна, посветена и истото тоа го бара од нас актерите. Нашето ниво на разбирање и соработка е толку високо што поставивме нови стандарди во односот режисер-актер кои навистина можат служат за пример, не само во регионот туку и пошироко.



Спонзорирани линкови

Маркетинг