Подготовката на домашен ајвар веќе со децении е традиција во македонските домови, но прашањето дали се исплати повеќе да се направи или да се купи станува сѐ поприсутно со растот на цените на производите и огревниот материјал.
Цените на основните состојки за ајвар оваа есен варираат – пиперката е од 60 до 90 денари за килограм, додека модриот патлиџан чини околу 20 до 30 денари за килограм.
Тоа значи дека, само за пиперките и модриот патлиџан, домаќините вложуваат помеѓу 2.500 и 5.000 денари, во зависност од количината и пазарната цена.
Дополнително, се додаваат и околу 500 денари за масло и сол, а за огрев – најчесто дрва – цената е исто така променлива, но никако не е занемарлива.
Граѓаните имаат различни мислења по ова прашање.
Верица Силјановска, која веќе години наназад прави ајвар во нејзиниот дом, вели дека домашниот ајвар е непроценлив.
„Знам што ставам, го правам со љубов и знам дека е чист и природен. Но, да, трошоците се високи и секоја година се зголемуваат“, објаснува Силјановска.
Сепак, таа додава дека со оглед на тоа колку чини домашната подготовка, можеби навистина би било поисплатливо да се купи готов ајвар.
„Проблемот е што купечкиот не е ист. Никако не може да го замени домашниот вкус“, потенцира таа.
Од друга страна, пак, Синиша Петров, млад човек кој живее во стан, нема услови за правење ајвар.
„Не правам ајвар дома, но купувам и секако не може да го замени домашниот. Сепак, кога ќе ги соберам сите трошоци – од пиперки, преку масло, до дрва – ми се чини дека повеќе се исплати да купам“, вели Петров.
За да ја разбереме економската логика зад домашната подготовка на ајвар, разговаравме со економски експерти.
Тие објаснуваат дека ова прашање е комбинација на емоции и практични сметки.
„Цените на пиперките, модриот патлиџан и огревниот материјал значително се зголемени последниве години, што влијае врз исплатливоста на домашното производство. Домашниот ајвар бара многу труд, време и средства, а цената на готовиот ајвар на пазарите сѐ повеќе станува конкурентна на домашната изработка“, коментираат економистите.
Остатокот од текстот можете да го прочитате ТУКА.