Во последните неколку дена, на социјалните мрежи се прошири снимка од свадба во Боливија, на којашто можат да се видат свадбените обичаи во оваа земја.
Имено, како што може да се види на снимката, младенците стојат пред куп подароци кои вклучуваат пакети со храна и пијалаци, а на страницата којашто ја објави оваа снимка, пишува дека во Боливија, „доколку свадбениот подарок може да се стави во плик, тогаш тој не е подарен од срце“.
На снимката може да се види дека младенците го добиваат „сето она што е потребно во домот“ – тука се парчиња говедско месо, вреќи со компири, брашно, шеќер, пакети со сокови, гајби со пиво итн.
Кога станува збор за свадбените обичаи во оваа земја, парите се сепак добредојдени, а како што пишува „Culture Trip“, често се случува парите директно да се закачат на костумот на младоженецот. Тоа го прават бидејќи веруваат дека тоа ќе им донесе финансиска благосостојба на младенците во иднина.
Уште еден обичај видлив на снимката, е ставањето конфети директно на главата на младенците наместо вообичаеното фрлање во воздух, како и дарувањето на кујнски апарати.