[ФОТО/ВИДЕО] Експлозија на пејџерите во Либан:Членовите на Хезболах умирале на улиците, во автомобили, пред децата

Точка

18/09/2024

09:04

5.561

Големина на фонт

а а а

По експлозијата на пејџерите во Либан, поради којашто загинаа најмалку девет лица, а околу 4000 се повредени, тешко е да се замисли друг вид на напад којшто би внел повеќе страв и збунетост во редовите на Хезболах од нападот со пејџерите, пишува „BBC“.

Израел со поставувањето на експлозив во апаратите за комуникација му нанесе тежок удар на Хезболах, којшто се потпира на пејџерите за внатрешна комуникација.


Катастрофални размери на нападот

Мобилните телефони одамна се надвор од употреба поради нивната небезбедност, како и што покажа атентатот врз бомбашот на Хамас во 1996 година, но вчерашното експлодирање на пејџерите беше напад со застрашувачки размери, а експолозиите и покрај тоа што беа слаби според својата јачина, нанесоа катастрофални повреди.


Припадниците на Хезболах умирале во продавниците, на улиците, во нивните автомобили, во куќите пред нивните деца. Инциденти беа пријавени во цел Либан, од Бејрут до Беја, а дури и во Сирија. Иранската државна телевизија потврди дека помеѓу повредените е и амбасадорот на Техеран во Либан.


Овие напади несомнено ќе имаат разорувачки последици за членовите на Хезболах, нивната комуникација и морал. Нападот беше еден од последните софистицирани и тајни воени операции коишто од средината на јули ги презема Израел, вклучувајќи го воздушниот напад врз Јемен, како и атентатите врз лидерите на Хезболах и Хамас, во Бејрут и Техеран.

Поради фактот што нападот со пејџери повреди голем број на членови на Хезболах, но и ја прекина нивната витална комуникациска мрежа, Израел може да го искористи ова за понатамошни удари.

Израелските власти во последните денови ја сигнализираа својата желба за промена на воениот статус „quo“ на границата со Либан. Во недела израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека на Израел му е потребна „промена во рамнотежата на сили на нашата северна граница“.

Десетици илјади израелски граѓани веќе година дена не живеат во нивните домови, откако израелските властите наредија евакуација на ранливите северни заедници по нападите со ракети од страна на Хезболах врз северен Израел. Меѓутоа и големиот број на израелски одмазднички напади врз Либан исто така ги присилија тамошните жители да ги напуштат своите домови.

Најава на акции на северната граница


За прв пат израелската влада кажа дека нејзините воени цели во Газа го вклучуваат овозможувањето на Израелците да се врата во своите домови, што го зголемува стравот од ескалација, којашто веројатно би вклучила ограничена копнена инвазија за да се создаде „тампон“ зона во јужен Либан.

Меѓутоа сè уште нема знаци на натрупување на луѓе и војска коишто би биле потребни за голем воен упад во Либан, но нападот со пејџери секако претставува сериозна и опасна ескалација, а се чека и одговорот на Хезболах.



Спонзорирани линкови

Маркетинг