Една од најпопуларните пејачки на денешницата, Сабрина Карпентер, ја освои својата прва „MTV Video Music“ награда за хит песната „Espresso“ која преку ноќ ги собра сите симпатии на нејзините обожаватели, а во текот на вечерта имаше уште 7 номинации.
Младата пејачка не само што ја освои наградата туку и срцата на публиката која не можеше да го тргне погледот од неа и нејзиниот величествен фустан. За оваа прилика Сабрина избрала винтиџ фустан со должина до подот чиј горен дел е украсен со сребрени перли, а долниот дел изгледа како опашка од сирена.
Со него искомбинирала ѓердан со циркони, а русата коса благо ја навиткала и ја пуштила слободно да ѝ паѓа преку голиот грб. Имено, целиот стајлинг е инспириран од Мадона, која носеше слична комбинација на својот настап на доделувањето на Оскарите.
Стилистот Џаред Елнер бил задолжен за величествениот изглед на Сабрина, а фустанот е дизајниран во 1991 година од американскиот моден дизајнер Боб Меки.
„Тоалетата беше првично дизајнирана за настапот на Мадона на Оскарите. Таа е инспирирана од Мерилин Монро во филмот „Gentlemen Prefer Blondes“ и откако таа го носеше, стигна до сите насловни страници“, изјави Алексис Новак, сопственичка на брендот „Tab Vintage“ од кој Сабрина го набавила својот фустан.