„Да не го направевме тоа, сите ќе беа мртви“: Се огласи ЦИА по планираните терористички напади на концертите на Тејлор Свифт во Виена

Точка

29/08/2024

14:31

2.803

Големина на фонт

а а а

Планираниот терористички напад на концертот на Тејлор Свифт во Виена имал за цел да убие голем број луѓе, вклучувајќи и Американци, пишува „New York Post“. Тоа го потврдил заменик управникот на ЦИА, кој открил дека Австријците успеале да го извршат апсењето поради податоците кои ЦИА им ги дала.

„Планираа да убијат огромен број луѓе, десетици илјади луѓе на овој концерт, сигурен сум дека и многу Американци. Австријците беа во можност да ги извршат овие апсења затоа што агенциите и нашите партнери во разузнавачката заедница им дадоа информации за тоа што планира да направи оваа група, поврзана со ИСИС“, вели Дејвид С. Коен.


Како што знаеме, популарната пејачка морала да откаже три концерти во Виена, откако беше откриено дека постои можност за терористички напади за време на нивното одржување. На почетокот на месецот, на 7-ми и 8-ми август се уапсени 17-годишник, 19-годишник и 18-годишник кои наводно ги планирале тие терористички напади.


Најмалку еден од осомничените признал дека сакал „да убие што повеќе луѓе надвор од концертната сала“. 19-годишникот имал прирачник за изработка на бомби, како и рачно изработен експлозив, детонатори и водород пероксид. Властите во домот на 17-годишникот пронашле и материјали од ИСИС и Ал Каеда.

Организаторите на концертот во Австрија рекле дека очекуваат до 65.000 фанови внатре на стадионот на секој концерт и дури 30.000 надвор од стадионот, каде што властите рекоа дека осомничените го планирале нападот. Свифт не се огласуваше долго по откажувањето на концертите, а потоа откако го заврши европскиот дел од турнејата сподели дека не зборувала ништо бидејќи не сакала да ги испровоцира оние кои сакале да им наштетат на нејзините обожаватели кои доаѓаат на концерти.


„Откажувањето на нашите настапи во Виена беше поразително. Причината за откажувањето ме исполни со ново чувство на страв и огромна вина бидејќи толку многу луѓе планираа да дојдат на тие настапи. Но, исто така бев многу благодарна на австриските власти бидејќи благодарение на нив тагувавме за концертите, а не за животите. Бев трогната од љубовта и единството кое го видов кај фановите кои се обединија“, изјавила Свифт, па продолжила:

„Одлучив да ја насочам целата моја енергија во помош во заштитата на речиси половина милион кои дојдоа на моите настапи во Лондон. Јас и мојот тим работевме рака под рака со персоналот на стадионот и британските власти за да ја исполниме таа цел и сакам да им се заблагодарам за сè што направија за нас. Да бидам многу јасна: нема јавно да зборувам за нешто ако мислам дека со тоа би можела да ги испровоцирам оние кои сакаат да им наштетат на моите фанови кои доаѓаат на концертите“, заклучила пејачката.