Борис Стојановски: Ме примија на престижниот Карлов универзитет во Прага, но сè уште размислувам кој е идеалниот факултет за мене

Точка

10/06/2024

12:00

59.312

Големина на фонт

а а а

Иако е примен на познатиот Карлов универзитет во Прага на отсекот медицина, матурантот Борис Стојановски сè уште аплицира и на други образовни институции со цел да го направи најдобриот избор за својата иднина.

Природните науки отсекогаш му биле најинтересни и веќе е во процес на пријавување на универзитети во Италија, Унгарија и Србија. Сепак, апсолутно е одлучен дека медицината ќе биде негова идна професија која ќе му овозможи да им помага на луѓето додека шестгодишното студирање во оваа област ќе му отвори опција понатака да избере што би сакал да специјализира во иднина.


Од каде произлегува твојот интерес за идните студии? Дали тоа отсекогаш ти било желба или пак на финалната одлука за избор на студиите влијаеше некој друг, на пример семејството или професорите?

Студирањето во странство отсекогаш било моја желба, бидејќи уживам да патувам и да учам за нови култури и држави. Во однос на медицината, кога бев помал ретко се фокусирав на она што би сакал да го работам во иднина, но знаев дека природните науки и работењето со луѓе се нешта што би ги посакал во мојата идна кариера. Првично сакав да студирам психологија, меѓутоа, по многу истражувања и консултации со други, дојдов до заклучок дека универзитет по општа медицина ќе ми даде широк опсег на можности, наместо веднаш да студирам во одредена насока на универзитет. Во принцип, откако почнав да ја истражувам медицината како целина, а не кон одредена област, започнав да се интересирам за другите аспекти на медицината, што значи дека моите аспирации може да се пренасочат во иднина.


Опиши го процесот на аплицирање. Од сегашен аспект, сметаш ли дека процесот е тежок и напорен или пак имаше добра подготовка од школото која ти помогна полесно да го завршиш?

Училиштето „Нова“ дефинитивно многу ми помогна во подготовката на процесот за аплицирање на универзитети. Различен е процесот за аплицирање во различни земји и на различни универзитети, меѓутоа, моето искуство со аплицирање не беше толку тешко и комплицирано. За медицина, приемниот испит е често вметнат во аплицирањето, затоа, другите аспекти како што се воннаставните активности не се главниот фокус на апликацијата, што значи дека јас најмногу се фокусирав и учев за потребните предмети за приемните испити како што се биологија, хемија и физика. Дополнително, аплицирањето за факултет е онлајн, што го олеснува самиот процес, а исто така може многу лесно да се контактираат лица од факултетот доколку се потребни дополнителни информации или некаква помош.


На кој начин заедницата во „Нова“ и академските советници ти помогнаа при изборот на идните студии и процесот на аплицирање?

За време на моите четири години во „Нова“, училиштето ни обезбеди неопходен час за разбирање на процесот за аплицирање на универзитетите. Тој час стануваше сè поконкретен и поспецифичен секоја наредна година. Ова беше особено корисно, бидејќи кога дојде време да ги одберам универзитетите на кои ќе аплицирам, имав многу стабилна основа која ја користев за да ги донесам своите одлуки. Важно е да се спомене дека во текот на оваа последна година во „Нова“, часовите поврзани со универзитетите станаа фокусирани за конкретни земји и при што секој од учениците можеше навремено да добие информации за следните чекори за аплицирање во земјата каде што сака да студира.

На што најмногу се радуваш на почетокот на студиите?

Со нетрпение очекувам да започне процесот на студирање во странство. Тоа претставува голем предизвик за мене и истовремено ја буди желбата за отворање нови поглавја во мојот живот. Возбудата е поголема и со тоа што ќе стекнам нови искуства и пријателства во текот на студирањето и со запознавање на нови култури и начини на живеење надвор од мојата земја. Студирањето на медицински факултет за мене претставува голем предизвик, истовремено и задоволство со тоа што ќе стекнам нови знаења и искуства преку кои ќе ја исполнам мојата лична желба да се едуцирам на универзитет во странство и да се здобијам со врвни знаења и стручност.


Какви се твоите планови за во иднина? Каде се гледаш себеси за десетина години?

Имајќи во предвид дека студирањето на медицински факултет е шест години, за десетина години се гледам како доктор кој веќе ја завршува својата специјализација во некоја од областите на медицината каде што најмногу ќе се пронајдам. Се надевам дека ќе успеам во својата цел со работа и учење и дека тоа е вистинскиот пат за мене.




Спонзорирани линкови

Маркетинг