Шпанските студенти планираат протести против Израел

Макфакс

07/05/2024

15:48

903

Големина на фонт

а а а

Студенти ширум Шпанија во наредните денови би можеле да започнат протести против „геноцидот што го изврши Израел во Палестина“ по примерот на универзитетите во САД, Холандија и Белгија, изјавија нивните претставници за шпанските медиуми.

На Филозофскиот факултет во Валенсија, приморски град на југозападот на земјата, студентите веќе една недела спијат во шатори и секојдневно протестираат.

„Бараме од нашиот универзитет да ги прекине сите врски со институциите и компаниите кои соработуваат со Израел“, изјави 20-годишната Естер Монге, студентка по политички науки и социологија за весникот „Ел Паис“.

Во моментов бројни универзитети одржуваат состаноци на кои студентите и професорите гласаат за блокадите на факултетите.

„Студентскиот совет ќе одлучи за активностите во наредните денови“, рече Марија Хозе Лера, координаторка на Палестиниум, група за солидарност со палестинските аспирации.

Лера, која има докторат по психологија на Универзитетот во Севиља, вели дека моментално се одржуваат состаноци на универзитетите во Мадрид, Сарагоса, Барселона, Жирона, Гранада и други градови.

Во понеделникот стотици студенти се собраа пред Универзитетот во Барселона каде ги развиорија своите транспаренти.

„Сакаме нашите факултети да ги прекинат сите односи со Израел и компаниите што работат таму“, рече 24-годишниот Пабло Кастиља, дипломиран студент по јавна политика.

Во Мадрид се уште нема протестно кампување, но има демонстрации. На автономниот универзитет во Мадрид, планираното предавање за НАТО беше откажано под притисок на пропалестинските демонстранти.

Друг јавен универзитет, Universidad Complutense de Madrid, објави декларација со наслов „Со Палестина, против геноцидот во Газа“.

„По влошувањето на насилството врз палестинскиот народ, ги повикуваме професорите, истражувачите и вработените во администрацијата да се спротивстават на колективното казнување на Палестинците што го спроведува Израел“, се вели во декларацијата усвоена од администрацијата на Факултетот за политички науки и социологија.

Сведоци сме на геноцидот врз палестинскиот народ, што е продолжение на децениското систематско насилство врз палестинскиот народ и неговата присилна емиграција“, се вели во декларацијата објавена на веб-страницата на факултетот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг