[ВИДЕО] Бојан Јовановски-Боки 13: „Јасен ми е стравот на Кичеец, човек којшто нанел многу злодела за кои не бил санкциониран навремено, очекувано е да има потези како овие“

Точка

07/05/2024

12:10

4.582

Големина на фонт

а а а

Бојан Јовановски – Боки 13, утринава се јавил на информативен разговор во полиција откако вчера, додека беше на поткаст кај Лазаров полицијата го барала во домот на неговите родители.

Бојан Јовановски после информативниот разговор пред новинарите изјави дека Зоран Милевски-Кичеец го пријавил поради статусот на Фејсбук во којшто напишал дека лица блиски до него пробуваат да го замолчат.

Тој посочи дека Кичеец е дел од неговите кривични пријави за сторените кривични дела за кои тој има докази, па додал:

„Тоа ќе биде предмет на постапка, а ова го чувствувам како директен притисок бидејќи се случи вчера кога речиси цела држава знаеше дека имам јавен настап, најавено интервју. Пријателот на Кичеец беше едно од лицата за кои зборував.

Во живо: Боки 13 по распитот во станица

Posted by skopje1.mk on Tuesday, May 7, 2024

Од авион се гледа дека тенденција е во прашање, притисок. Знаете како, човек којшто цел живот се заканувал и се занимавал со таков тип на работа, овде единствено што ми се поклопува е да ја кажам онаа народната – кога крадецот вели држете го крадецот. Заканувачот и насилникот пријавува некакво насилство. Беспредметно е и трошењето време на полициските службеници кои мора да ја запазат формата.

Јасен ми е стравот на Зоран Милевски-Кичеец, очекуван. Човек којшто толку многу се огрешил пред законот, а не одговарал на сите грешки соодветно, човек којшто нанел многу злодела за кои не бил санкциониран навремено, очекувано е да има вакви потези како овие. Јас сум решен, ова е почеток на конечната битка и разрешница со цела криминална банда, а во таа криминална банда еден од предводниците е Зоран Милевски-Кичеец“.


На прашањето дали се плаши дека може да биде ликвидиран, Јовановски изјави:

„Не. Знаете како, има непријатност и нелагодност која се случи вчера повеќе поради семејството. Да се разбереме, докажано е дека овие луѓе се спремни на многу работи, дека се спремни на сѐ, покажано, докажано, видено, чуено. Не се санкционирани за своите постапки соодветно поради дерогираниот систем во којшто живееме. Но, дека може да се очекува сѐ, особено кога давеник се фаќа за сламка спас... Па, така не можам да кажам дека имам конкретен став, но треба да бидат претпазлив“, заклучи Јовановски.




Спонзорирани линкови

Маркетинг