Британски политичари: „Русија сее хаос во балканскиот регион, треба да испратиме војска во БиХ“

Макфакс

02/05/2024

19:55

1.782

Големина на фонт

а а а

Британски војници треба да бидат испратени во Босна и Херцеговина поради ризикот од дестабилизација на Балканот, тврди поранешниот командант на Обединетите нации, Боб Стјуарт.

Стјуарт, сега независен британски пратеник, рече дека британскиот баталјон ќе биде „најдобриот баталјон“ што може да се испрати во југоисточниот регион на Европа за да се воспостави мир. Претседателката на Комитетот за надворешни работи Алиша Кернс предупреди дека Балканот може да стане место на „трет голем глобален конфликт“, заедно со Украина и Газа, доколку не се преземат превентивни мерки.

За време на дискусијата за безбедноста во регионот, чиј домаќин беше Кернс, таа рече: „Треба да размислиме за изградба на нов безбедносен сојуз меѓу САД, ОК и другите спремни земји-членки на НАТО со Косово, бидејќи тоа ќе помогне да се ублажат непосредните безбедносни грижи што ги имаме.

Интервенирајќи, Стјуарт додаде: „Британски баталјон стациониран во Босна и Херцеговина би испратил многу, многу силен сигнал. И искрено, британскиот баталјон е веројатно најдобриот баталјон што може да се испрати во таква мировна ситуација. Ние му помогнавме на регионот во минатото Ние го направивме тоа на политичкo, социјалнo, економско поле, и, се разбира, многу работа е направена во БиХ“.

Министерот за надворешни работи Дејвид Ратли, од друга страна, рече дека во моментов нема такви планови, но дека „Обединетото Кралство продолжува силно да ги поддржува вооружените сили на Босна и Херцеговина“. Тој додаде дека британската влада „постојано“ го ревидира својот пристап кон санкциите и ќе размисли да ги таргетира оние кои „се обидуваат да ја поткопаат ситуацијата“.

Пред дебатата, Кернс за новинската агенција PA изјави: „Балканот е важен и ако го игнорираме, ќе завршиме со пожар на нашиот праг. Ова не е важно само за европската безбедност, бидејќи во суштина тоа е нашиот продолжен двор и ако дојде до криза на Балканот, ќе ја почувствуваме тука, ќе не погоди сите нас и не можеме да си дозволиме трет глобален голем конфликт, што би било токму тоа“.

Таа, исто така, посочи дека Русија има намера да сее хаос во регионот: „Се работи за создавање што е можно повеќе театри на конфликти. Тие постојано го повторуваа фактот – ако работите не одат добро во Украина, Русија би го дестабилизирала Балканот“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг