Полските земјоделци повеќе нема да ја блокираат границата со Украина

Макфакс

29/04/2024

14:48

866

Големина на фонт

а а а

Полските фармери го откажаа протестот на последниот блокиран граничен премин со Украина, објавија Киев и Варшава, ставајќи крај на повеќемесечната криза која ги наруши билатералните односи меѓу двете земји.

Украинскиот министер за земјоделство ја поздрави „конструктивната работа“ на Полска за укинување на блокадата, наведувајќи во соопштението дека преговорите со Варшава и индустриските здруженија не биле лесни, но „главната работа е што резултатот е постигнат“.

„За среќа, сите правци на границата со Полска се деблокирани“, изјави портпаролот на украинската гранична полиција Андриј Демченко, додавајќи дека полските фармери го ослободиле пристапот до преминот Рава-Руска.

Камиони утринава почнаа да ја минуваат границата во двата правци, рече тој.

Портпаролот на полската гранична полиција Анджеј Јузвијак изјави за Ројтерс дека Украина може да се премине „непречено“ на сите премини.

Полските земјоделци и камионџии ги блокираа граничните премини со Украина од крајот на есента минатата година во знак на протест против нелојалната конкуренција.

Како главна причина тие ја наведоа пасивноста на владата кон губење на работни места поради странските конкуренти од почетокот на војната во Украина, бидејќи камионџиите од Украина беа ослободени од обврската да имаат дозвола за преминување на полската граница.



Спонзорирани линкови

Маркетинг