[ВИДЕО] Клиперс ја доби пеколната битка со Далас во Тексас, „метла“ за Феникс

Дерби

29/04/2024

09:33

4.176

Големина на фонт

а а а

Екипата на Лос Анџелес Клиперс излезе како победник од пеколната битка со Далас Маверикс и успеа да израмни на 2-2 во плејоф серијата на Западот.

Гостите од Калифорнија славеа со 116-111 во меч во кој прокоцкаа предност од 31 поен, но сепак на крајот го имаа последниот збор и дојдоа до славје кое е од огромно значање затоа што го вратија „брејкот“.

Домаќините сигурно ќе имаат за што да жалат со оглед на напорот и пресвртот што го направија, ама останаа без сили кога беше најпотребно и тоа ги чинеше пораз кој ги става во сосема друга позиција во однос на тоа ако славеа на овој натпревар.

Харден и Џорџ беа во елемент и заедно искомбинираа 66 поени, кај поразените Ирвинг реализираше 40, а Дончиќ пак имаше дабл-дабл од 29 поени и 10 скока.

Феникс Санс е првата елиминирана екипа од плејофот, а за тоа се погрижи Минесота Тимбервулс која го „измете“ составот од Аризона со чисти 4-0.

„Волците“ рано утрово славеа со 112-116 во дуел во кој лидер беше Едвардс со 40 поени, Таунс додаде 28 кошеви со 10 скока. Кај „сонцата“ залудни беа 49 кошеви на Букер и 33 на ветеранот Дурент.

Индијана Пејсерс пак беше подобра од ослабениот Милвоки Бакс со 126-113 и сега води со 3-1 што значи е на чекор од конференциско полуфинале на Истокот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг