Вареното вино е еден од најпопуларните топли пијалаци кои се служат во постудените денови и е незаменлив производ на божиќните базари ширум светот. Но, не мора да ги чекате овие настани за да пиете варено вино бидејќи е многу лесно да го направите дома.
Постојат бројни рецепти за варено вино од едноставни до покомплицирани. Сепак, ова вино нема да ви одземе повеќе од 20 минути.
Потребни состојки:
- еден литар црвено вино
- 2 децилитри вода
- 2 до 4 стапчиња цимет
- неколку каранфилчиња
- 2 портокали
- 2 јаболка
- кафеав шеќер
Начин на подготовка:
Кога станува збор за изборот на вино, најдобро би било да го користите она што вообичаено го пиете. Меѓутоа, доколку не сте познавач на вина, важно е да знаете дека за варено вино не ви е потребна некоја скапа сорта бидејќи ќе додадете зачини кои ќе го збогатат вкусот.
На тивок оган ставете ги виното и водата да зовријат. Потоа, измиените портокали и јаболка исечкајте ги на кришки и ставете ги во садот со виното. Додадете неколку каранфилчиња и цимет, а можете да користите и ѕвезден анасон и мускатно оревче. Варете неколку минути и потоа додадете шеќер. Овде е важно да го приспособите пијалакот според вашиот сопствен вкус.
Кога ќе ги додадете сите состојки, варете го виното околу 10 минути и потоа тргнете го од шпоретот. Важно е виното да не врие за време на варењето.
Добрата работа кај вареното вино е што ги имате основните состојки, а тоа се секако вино, цимет и вода. Секојпат кога ќе го подготвите, можете да додадете нешто што мислите дека би било идеално со овој пијалак.