Главната дизајнерка на Зара, Ванеса Перилман, повторно е на удар на критики поради пораката што ја испрати во 2021 година до палестинскиот модел Кахер Хархаш, кој покажува поддршка за својата земја на социјалните мрежи.
„Можеби ако вашиот народ беше образован, тогаш немаше да ги кренат во воздух болниците и училиштата во Газа за кои Израел помогна да се финансираат. Израелците не ги учат децата да мразат или да фрлаат камења по војниците како вашиот народ“, му напишала таа во приватна порака.
Таа изјавила дека никогаш нема да престане да го брани Израел и дека Хархаш „објавува написи кои се ср**е“. После тоа, Ванеса споделила фотографии од пораки во кои бара прошка.
„Моите деца добиваат смртни закани. Се чувствувам ужасно. Ова не сум јас. Многу ми е жал. Навистина се надевам дека ќе можеш да ми простиш“, напишала таа.
Објавите предизвикаа повици на интернет за дисциплинска постапка против Перилман и бојкот на Зара.
Зара потоа објави соопштение во врска со срамните пораки на Ванеса.
„Зара не прифаќа никаков недостаток на почит кон која било култура, религија, земја, раса или верување. Зара е разновидна компанија и никогаш нема да толерираме каква било дискриминација“, се вели во изјавата на портпаролот на компанијата испратена до CNN во средата.
„Ги осудуваме овие коментари кои не ги одразуваат нашите основни вредности за почитување еден кон друг и жалиме за навредата што тие ја предизвикаа. Како разновидна и мултикултурна компанија, ние сме посветени да обезбедиме правична и инклузивна средина како дел од вредностите на нашата компанија“.