Јосифовска-Спасовска: За врсничкото насилство треба да зборуваме и заеднички да го решаваме

Точка

13/10/2023

12:55

35.211

Големина на фонт

а а а

Децата и младите во Македонија уште од најрана возраст се соочени со физичко, вербално, психичко, социјално и сајбер-насилство. Сето ова може да се вброи во категоријата „булинг“, како што поновите генерации го нарекуваат врсничкото насилство. За да го зголеми интересот на јавноста за овој огромен проблем, „Макпетрол“ ја подготви и ја реализира општествено одговорната и едукативна кампања „Крени глас против врсничкото насилство“.

Оваа активност содржи повеќе сегменти, а во нејзиниот центар е интернет-страницата kreniglas.mk. Заедно со психолози со искуство на оваа тематика на веб-сајтот се поставени прирачници за препознавање, пријавување и решавање на проблемот со врсничкото насилство. Целта на овие содржини е да пренесат знаење до сите што можат да помогнат во решавањето на проблемот со врсничкото насилство - децата, родителите и наставниците. На истата интернет-страница постои опција секој што бил жртва или имал искуство со булингот, анонимно да ја сподели својата приказна.

За општествено одговорната и едукативна кампања „Крени глас против врсничкото насилство“ разговаравме со Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“.

Деновиве почна кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“, иницирана и реализирана од „Макпетрол“. Се работи за општествено одговорна активност, но во поинаков формат од вообичаениот. Зошто се решивте на ваков пристап и кои се целите?

- Поддршката и развојот на заедницата се стратешки определби на „Макпетрол“. Како општествено одговорна компанија, постојано учествуваме во активности со ваков карактер, без разлика дали се работи за донации на материјални средства, реновирање објекти или други слични чекори за поддршка на заедницата. На овој план, пред извесно време дискутиравме дека можеби оваа, условно кажано, стандардна рамка, треба да се прошири, односно да се понуди нешто повеќе од вообичаените спонзорства. Едноставно, дојдовме до заклучок оти ни е потребна активност во којашто на одреден начин ќе го вклучиме целото општество, но и од неа целата наша заедница ќе има некаква придобивка. Разгледувавме повеќе опции, вклучително и искуства од странство, анализиравме неколку теми за коишто е потребно да се отвори дискусија на национално ниво и се решивме за врсничкото насилство затоа што ги засега најранливите, но и тие коишто се иднината на земјата – децата и младите.


Врсничкото насилство, односно булингот, несомнено е актуелна тема, но и проблем веќе извесно време, а сепак, општествените активности за негово решавање речиси и да не постојат или се минимални. Зошто се одлучивте да се осврнете токму на овој проблем?

- Темата е многу актуелна, проблемот е сериозно голем, а секако, сите верувам би се согласиле дека инвестицијата во децата е инвестиција во нашата иднина. Преку тоа што инвестираме во развојот на овој дел од популацијата, можеме да обезбедиме подобро утре и за најмладите, но и за целото општество. Врз планот на нивниот развој, врз можностите да го исполнат својот потенцијал, булингот може навистина сериозно да влијае. Затоа сакаме да им дадеме глас на сите на коишто им е потребна поддршка во битката со врсничкото насилство.

Проблемот со врсничкото насилство е обемен и повеќеслоен. Во него, најпрво и најмногу, се вклучени децата и младите, но тука се и родителите, училиштата, преостанатите институции и практично целото општество. Каде, според вас, потфрламе, односно на кој начин сметате дека сите овие сегменти можат да придонесат за подобрување на ситуацијата?

- Сите сегменти од општеството придонесуваат за решавање или за игнорирање на проблемот, но веројатно најмногу потфрла самиот систем, како на вредностите, така и тој според којшто функционираме. Доколку, пак, би требало да се избере само една причина, што би ја дефинирале како најзначајна, тогаш тоа дефинитивно би било нашето отсуство на навика да разговараме за проблемите. Како и за многу други теми, така и за врсничкото насилство не се зборува. Првиот избор секогаш е да се премолчи, наместо пристапот да биде за булингот отворено да се разговара и со родителите, и со наставниците и сите во институциите што имаат надлежност да се осврнат на овој проблем и да изнајдат решенија. За врсничкото насилство треба да зборуваме отворено и да го решаваме заеднички.


Кампањата е едукативна, преку неа на јавноста ѝ се пренесуваат клучните факти за врсничкото насилство. Овие информации се создадени заедно со психолози со долгогодишно искуство на тематиката. Како експертизата помогна во подготовката и колку е важно потпирањето на стручни лица кога се соочуваме со врсничкото насилство?

- Соработката со стручни лица како што се психолозите кои подолго време во пракса, или ако можам така да се изразам, „на терен“ работат со булинг, е клучно не само за изработката на кампањата, туку и за пристапот кон проблемот. И во случајот кога се работи за некој што врши насилство врз своите врсници и кога е во прашање жртва, потпирањето на знаењето и на искуството на стручните лица е тоа што единствено може да доведе до подобрување на состојбата. Ако не се соработува со луѓе што се професионалци, ефектот и помошта веројатно би биле краткотрајни. Токму затоа ние ангажиравме експерти од областа на психотерапијата кои беа вклучени во целиот процес на подготовка на комуникацијата за кампањата, а тука се и психолозите што работат со анимираниот серијал „Биби и Боби“ кои, исто така, подготвија едукативни содржини за подобро разбирање и соочување со врсничкото насилство.

Отворениот разговор, односно поттикнувањето дискусија на темата се чини дека е клучно во кампањата, но таа создава и можности преку интернет-страницата анонимно да се споделат искуствата со булингот. Колку е значајно да се промени општиот пристап – молчењето да се замени со комуникација на темата?

- Врсничкото насилство е навистина огромен проблем, но не се обрнува доволно внимание на неговата сериозност и на последиците што тој може да ги предизвика. Психолозите истакнуваат дека во минатото се сметало оти негативните искуства со врсничко насилство децата ги надминуваат со текот на развојот. Врз основа на искуствата, изминативе години се потврдува оти тој заклучок е неточен, односно веќе има научни истражувања што потврдуваат дека последиците од булингот може да бидат долгорочни. На сите ни е познато, на одреден начин ни е заедничко, сфаќањето според кое во речиси секоја ситуација треба да избереме молк, наместо споделување. Затоа и нашата кампања цели кон обратното со својата порака - да не се молчи, туку да се крене глас против врсничкото насилство. Со овој пристап сакаме да се зголеми јавната свест кај сите засегнати страни, како родителите, наставниците, психолозите, педагозите и децата, дека молчењето за булингот нема да помогне никому, туку само ќе го продлабочи и засили неговото постоење.


Идејата и реализацијата на оваа кампања се на „Макпетрол“, но се чини дека таа не е креирана да биде исклучиво компаниска, туку е отворена за во неа да се вклучат и други субјекти. На кој начин можат индивидуалците и институциите да придонесат во оваа иницијатива?

- Ако се знае колку распространет е проблемот со врсничкото насилство и како тој им влијае на децата, оваа кампања ѝ се обраќа на целата наша заедница. Секој што сака, односно има желба да се вклучи во оваа кампања, може да го стори тоа преку каналите на социјалните мрежи, но и директно воспоставувајќи контакт со нас. Сите што се заинтересирани да дадат свој придонес во овој општествено одговорен и едукативен проект, се добредојдени тоа да го направат. Ние ќе ја дадеме потребната поддршка, без разлика дали се работи за образовни или за други институции. Како што докажува примерот со Општина Центар, со кои неодамна потпишавме меморандум за соработка што опфаќа работилници во сите основни училишта, отворени сме заеднички да работиме со цел да дојдеме до квалитетни и долгорочни решенија на проблемот со врсничкото насилство.



Спонзорирани линкови

Маркетинг