Ако сакате ајвар а немате време и можност за да си направите по традиционалниот начин на подготовка, овој рецепт е за вас.
Домаќинките нашле начин како да си направат вкусен ајвар дома, без макотрпната работа која е потребна за да се направи домашен ајвар.
Тие откриле дека ајвар може да се направи и од обарени пиперки, без зачадување и непријатни мириси од класичното печење на пиперките.
Еве како за помалку од два часа да си направите домашен ајвар и да ги воодушевите блиските.
Потребно е:
5 кг. црвени пиперки
1 голем модар домат
1,5 л. вода
6 лажици сол
5 лажици шеќер
50 мл. масло
Подготовка:
Пиперките убаво измијте ги и отстранете ги дршките и семките внатре. Потоа исечете ги на крупни парчиња. Откако ќе ги подготвите на тој начин, ставете ги во тенџере. Модриот домат излупете го, исечкајте го на коцки и тргнете го на страна.
Следно, во тенџерето ставете ја водата, маслото, солта и шеќерот. Оставете така да проврие за да се соединат состојките. Потоа, прелијте ги пиперките со таа врела вода и оставете да се обарат со повремено мешање.
Ќе забележите дека пиперките многу брзо ќе омекнат. Немојте премногу да ги сварите. Потребно е да бидат доволно меки за да се измелат.
Откако ќе омекнат, извадете ги пиперките да се оладат, а во истата вода сварете го модриот домат. Не е потребно повеќе од 3-4 минути.
Откако ќе бидат сварени состојките ставете ги во машина за мелење. Така сомелени, во тава ставете масло и ставете ја целата смеса да се пржи околу два часа. Откако ќе биде готово, подгответе си тегли кои претходно ќе ги загреете во рерна и наполнете ги со ајвар.
За вкус може да додадете малку лук и магдонос.