Точка на сет на „Кајмак“! Милчо Манчевски: „Филмот е безобразна комедија за две семејства, кои се пристојни на почеток, а среќни на крај“

Точка

14/07/2021

22:22

202.768

Големина на фонт

а а а

Во неделата, на 11-ти јули, дел од екипата на Точка ексклузивно присуствуваше на снимањето на една од сцените за филмот „Кајмак“, 'Cowboy Scene', на маестралниот Милчо Манчевски, во населба Карпош. Во ова остварување на Манчевски, шест актери се во главните улоги - Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска и Филип Трајковиќ. Кога пристигнавме на сетот, нè пречека ПР-от на „Кајмак“, Ивана Тасев, која беше и наш домаќин, заедно со целата екипа.

И на пеколни температури, шесте главни актери, заедно со огромниот тим кој стои позади „Кајмак“, неуморно ги снимаат сцените за новото долгоочекувано филмско остварување на режисерот Манчевски.


На наше огромно задоволство, во неделата бевме дел од снимањето на 'Cowboy Scene', која, иако ќе трае само неколку секунди, верувале или не, беше повторена повеќепати. Неверојатно е чувството кога одблизу ќе го доживеете ентузијазмот на актерите, кои неуморно ги повторуваат истите движења, погледи. Иако, температурите беа високи во главниот град, интересно да се сподели од сетот на оваа сцена е дека Симона, една од главните актерки, носеше дебел џемпер, а ништо помалку не беше облечен ниту Александар Микиќ, кој исто така има главна улога.


Можеби ќе се прашате на кој јазик се зборуваше додека се снимаше оваа сцена, а и воопшто филмот „Кајмак“. Ако мислите дека одговорот е македонски или можеби англиски - грешите. Толку многу јазици се 'вртат' за време на овие снимања, што во еден момент можеби и сами нема да знаете на кој јазик би одговориле доколку вие бевте дел од актерската екипа. Професионалци од Македонија, Данска, Холандија, Хрватска, Бугарија, Англија, Италија и Србија, почнале да го снимаат филмот на 6-ти јули. „Кајмак“ вкупно ќе се снима пет недели, на локации низ Скопје, во населбите Козле, Автокоманда, Центар, Лисиче.

По сценарио и режија на Милчо Манчевски, во филмот играат и Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ...


Важно е да се напомене дека филмот е европска копродукција, поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, како и од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија. Македонската Радио Телевизија е копродуцент. Според финансиската конструкција на филмот, Македонија учествува со 48 проценти, додека 52 проценти од средствата доаѓаат од странство.

И покрај тоа што оваа година беше особено тешка и за филмската индустрија, откако пандемијата ги разниша сите гранки на постоењето, екипата е особено горда што токму овој филм доби поддршка и од европскиот фонд Еуримаж, што е несомнено огромна потврда за вредноста на проектот.


На светот веќе му е добро познато дека Милчо Манчевски работи со исклучителни професионалци, па така - дански копродуцент на „Кајмак“ е Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентка на филмовите „Антихрист“ и „Меланхолија“ на Ларс Фон Трир, како и на данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера“ и на „Сопругата“ со Глен Клоуз. Холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст, која важи за една од најискусните холандски продуценти, со култни филмови како „Мандерлеј“, „Догвил“ и „Танчер во мракот“ на Ларс Фон Трир и „It's All About Love“ на Томас Винтерберг. Хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ, а бугарски Иван Дојков. Извршен продуцент е Иан Прајор од британската Скала Продакшнс.


Македонски продуцент на филмот е Банана филм. Продуцира Јане Ќортошев. Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија данецот Улрик Боел Бенцен, кастинг директор Милка Анчевска, а костимограф Жаклина Крстевска. Во текот на снимањето се очекува во Скопје да пристигнат и копродуцентите на филмот од Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија.

Манчевски реши да го задржи оригиналниот збор, па англискиот наслов е „Kaymak“. Партнерите на филмот го доживуваат како интересен, нов збор што го научиле, како мистерија во насловот, слично на „Е.Т.“ или „Кагемуша“, на пример.

Ексклузивната можност на Точка да присуствува на сетот на 'Cowboy Scene', се разбира не помина без краток разговор и импресии од снимањата на дел од главната актерска екипа.


Александар Микиќ е највозрасниот актер во главните улоги, кој нè импресионира со неговата смиреност, сталоженост, посветеност и неверојатен професионализам. Микиќ за Точка ја открива животната лекција која ја научил на почетокот на неговата кариера, а која треба да ја знаат сите нови, млади актери. 

„Кога ја прашале една многу позната холивудска ѕвезда како изгледа еден снимачки ден, изјавила: чекање, чекање и... чекање. И тоа е факт. Огромна екипа позади камера, сектор светло, камера, сцена, реквизита, шминка, костим ... макотрпно работи за да подготви „кадар“ кој во филмот реално ќе биде само неколку секунди. Затоа, кога работиш на филм мора да си многу смирен и трпеливо да ги дочекаш твоите „пет минути“ пред камера.

Имав среќа, уште како студент, да го добијам првиот совет за тоа што значи да си на „сет“ од легендата на југословенскиот филм Леман, со кого соработував на филм. Кога дојдов на првиот снимачки ден во мојот живот, ме тргна на страна и ми рече: „Овој ден продукција тебе ти го плаќа и следниве 12 часови ти си „наш“ и ако сакаш каде било да одиш првин мора мене да ми се јавиш, зашто морам во секое време да знам кај си. Имаш задача професионално да си ја завршиш својата работа да доаѓаш подготвен на сет со научен текст и чекаш да те викнеме за снимање. Ако денес не снимиш ништо – ништо ќе снимаш утре“.


Тој совет си го врзав во крпче и ден денес го применувам. Смирено си чекам да дојдат моите сцени и гледам што е можно попрофесионално да си ја завршам работата.

На „Кајмак“ работи интернационална екипа, Европа во мало. Можеш слушнеш како комуницираат на англиски, дански, италијански, хрватски, бугарски јазик... И посебно би ја издвоил македонската екипа составена од млади професионалци, но со веќе големо филмско искуство, кои перфектно си ја знаат својата работа и многу сум среќен што и јас сум дел од филмот. Снимачките денови се напорни, имаме густ план, ама владее една смирена атмосфера, па се проаѓа во најдобар ред.

Во каубојската сцена, за прв и последен пат во филмот, се сретнуваат сите шест главни протагонисти. Технички доста комплицирана сцена, ама се надевам дека добро ја снимивме“, искрен е Микиќ.


Сара Климоска, која во оваа сцена возеше количка со бебе и изеде 'безброј' сладоледи додека се снимаа повторувањата на Cowboy Scene, беше ликот кој на прва нѝ привлече најмногу внимание. Носеше специфичен костим, кој подоцна разбравме дека всушност бил кабаница, а слични носеа и нејзините колеги Филип и Камка.


„Имав супер искуство во првата недела од снимањето. Многу ми е драго што имам можност да соработувам со одлична екипа од Македонија, Хрватска, Данска, Бугарија и Италија. Секогаш е уникатно искуството кога има диверзитет во екипа поради можноста да се споделат различни алатки и пристапи кон работата. Задоволна сум од тоа што сработивме досега и сигурна сум дека и со ова темпо и иста енергија ќе продолжиме до крајот на снимањето“, вели Климоска за Точка.

Симона Спировска, актерката која пред само неколку месеци на свет го донесе своето прво дете, неуморно и професионално ѝ пристапува на својата работа. Со дебел џемпер, лубеница на рамо и остар поглед, имавме можност одблизу да ја видиме во Cowboy Scene.


„Последниот снимачки ден од првата недела беше всушност мојот прв ден на сет. Фатив залет! За загревање носев лубеница во вестерн сцена, облечена во џемпер на плус 30 степени. Не се жалам, напротив се фалам. Веќе сме на почетокот на втората недела. Едвај чекам“, нѝ открива Спировска.


Филип Трајковиќ е еден од машките главни улоги во филмот. Интересно е да се спомене дека ова е прва голема филмска улога на Трајковиќ, а ова се неговите импресии од снимањето:

„Од самиот почеток на снимањето со нетрпение чекам да отидам на сет и да ми почне снимачкиот ден. Ова за мене е прва поголема улога во голем филм и навистина е благодет да се работи со режисер, како што е Милчо Манчевски, кој е многу прецизен и точен во индикациите кон актерите и секогаш успева да го извади најдоброто од нас. Колегите ми се неверојатни професионалци и супер другари со кои несебично си помагаме во заедничката соработка. Целата екипа која работи на филмот дава од себе сè, за да тече беспрекорно и се тука за нас во секој момент. Благодарение на тоа што е таква екипата, дури и една од потешките сцени која ја снимавме надвор на плус 30 степени, облечен во јакна, чизми, капа, за мене помина брзо и лесно. Навистина е среќа да работиш со вакви луѓе“, нѝ вели Филип.


На прашањето како во период на пандемија, проектот Кајмак успеа да мобилизира голема европска екипа за филмот, македонскиот продуцент на филмот Јане Ќортошев вели:

„Сè е можно кога работиш на убав проект и со пријатели. А „Кајмак“ има навистина многу пријатели - низ цела Европа, а и дома. Собрани заедно зад убав проект, ништо не може да не сопре“.


Ова е 7-ми филм по ред на Манчевски, кој досега има работено и во Америка и во Македонија. На прашањето за тоа како се чувствува на снимањето на „Кајмак“, режисерот Манчевски открива:


„Лето е преубава работа. Жешко лето е уште поубава. Жешко лето кога се снима најубава. Со ваков супериорен актерски тим и топ екипа му нема крај на меракот. Кајмак е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот на филмот. Филмот е безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината. Безобразна комедија за две семејства, кои се пристојни на почеток, а среќни на крај. Се радувам како летен ден, затоа што после сета напорна работа и подготовки, почнавме да правиме убава уметност, ама уште повеќе затоа што работиме со талентирани професионалци, кои се и добри луѓе. Животот е прекраток за да работиш со лоши луѓе“, заклучува Манчевски.

Новинар: Цеце Николова
Фотограф: Маја Аргакијева



Спонзорирани линкови

Маркетинг