Роберт Билбилов за Точка: „Многу работи би сакал да му кажам на татко ми, ако беше жив“

Точка

31/05/2021

21:39

193.033

Големина на фонт

а а а

Македонскиот музичар - пејачот и композитор, Роберт Билбилов, неодамна објави нова песна насловена како „Нигде не те наоѓам“, а истата ја објави токму на неговиот роденден. Билбилов освен за своето најново музичко остварување, за Точка искрено зборуваше за својот живот, кариерата, оние малку подзаборавени или непознати работи од неговата животна приказна, а изнесе став и за естрадата во Македонија воопшто.

Уживајте во понеделничкото Точка интервју со Роберт Билбилов. 

Роберт, пандемијата не те спречи да твориш и создаваш нова музика. Од каде ја црпиш инспирацијата?

Музиката едноставно е дел од мојот живот, откако паметам за себе музиката била опкружена околу мене и сите луѓе кои се во овој бизнис, растев со нив и се разбира дека многу научив…Инспирацијата ја црпам од секојдневието, луѓето околу мене, најблиските, пријателите и воопшто животот…

Кажи нѝ нешто повеќе за твојот последен музички проект. Со кого соработуваше, некоја случка од позади камерите, кој ти е омилен стих, можеби?

Во последниот музички проект работев со изузетно талентирани млади луѓе, текстот е на мојот другар Робин Зимбаков, режија и монтажа работеше Јован Куцин, мотион емотион…Моделот кој се појавува Ирина Кузевска, Стилист на ова видео беше Викторија Бурсак, за шминката и фризурата се погрижи Даниел Николовски и ред други… Имаше многу смеа, забавно беше, никој од нас не осети дека воопшто работиме, се си течеше некако природно, убава енергија…


Зошто „Нигде не те наоѓам“ ја објави токму на твојот роденден, има ли некакво посебно значење?

Роденденот беше убава случајност и мислам дека испадна добар гест, мало музичко парче од мене за мојата публика.


Малкумина ја знаат онаа малку потажната страна од твојата животна приказна. Можеш ли да издвоиш некоја мисла која одново и одново успева да те замисли и растажи?

Секој човек денес се соочува со низа тажни и среќни моменти, но, најбитно е какви ќе прифатиме да бидеме, дали ќе дозволиме некои тажни мигови да нѝ го променат цел живот…

Што би сакал да му кажеш на твојот татко, господин Хилми, ако беше жив?

Верувајте, многу работи…


Која е најважната лекција што ја научи од него?

Не верувај никому…

Кој е Роберт кога не е во студио?

Обичен човек, кој секојдневно се труди нешто ново да научи…се дружи со пријателите и секогаш кога имам време возам точак, тоа ме релаксира и ми ги средува мислите.


Среќен ли си? 

Среќен сум, имам се што може човек да посака, жив сум, ги имам Давид, мајка ми, сестра ми, пријателите… За мене тоа претставува најголема среќа.

Ако можеш да го вратиш времето, која твоја одлука би ја променил?

Има доста работи кои би сакал да ги сменам, но таков е животот, најбитно е дека тие одлуки ме донеле денес таму каде што сум и воопшто не жалам за ништо, така требало да биде.

Има ли македонска естрада и што ѝ недостасува?

Секако дека има. Тоа што недостасува е константно пуштање на нови песни и видеа, малку поголема ажурност од радијата и воопшто медиумите, искрено се надевам дека се ова ќе се среди еден ден…


Според тебе, дали доволно слушаме македонска музика и како ти би го променил тоа?

Секојдневно се трудам да го променам тоа правејќи квалитетни песни, но не секогаш зависи само од добра песна, потребна е колективна свест за музиката, таа е нашата култура.

Има ли некое музичко парче направено од тебе, кое публиката го прифатила подобро од што си очекувал и планирал?

Тоа е најубавото чувство, кога песната ќе ги надмине твоите очекувања.

Кој стих од твоја песна целосно те опишува?

„Сега јас сум на ред“.


Во какво светло не сме го виделе Роберт, а сакаш да нѝ го претставиш?

Како меша чварки. :)

И за крај, каква порака би им испратил на читателите на Точка?

Да веруваат во својот сон и да слушаат македонска музика. 


Новинар: Цеце Николова
Фото: Приватна архива



Спонзорирани линкови

Маркетинг