Дамјан Манчевски за Точка: „Гледањето на некој филм со семејството е луксуз кој порано го немав“

Точка

25/11/2020

17:11

84.019

Големина на фонт

а а а

Поранешниот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, неодамна со граѓаните ја сподели веста дека официјално се повлекува од функцијата министер, а воедно и од политичката сцена. Манчевски во искрениот разговор нѝ ги откри причините за оваа радикална промена, како семејството го прифатило тоа, колку политиката влијае на неговата понатамошна кариера... Целото интервју протичитајте го во продолжение.

Дамјан, некако изненадно се повлековте од политиката. Како ја донесовте одлуката, што беше пресудно за толку голема промена?

Одлуката воопшто не беше лесна. Пред сè заради луѓето, пријателите, соборците, колегите. Меѓутоа, од друга страна никогаш немав ни амбиција да бидам професионален политичар цел живот. Дури и некој да има таква амбиција, тоа е речиси невозможно. Пресудна улога имаше нормално и атрактивната понуда која ја добив за враќање во професијата. Понудата можеби дојде 4 години прерано, но сепак се решив да не ја пропуштам. Јас во политиката никогаш не влегов за да живеам од тоа. И мене, но и моите другарки и другари не водеше идејата, борбата за демократија и правда. Всушност, затоа во 2015 и ја напуштив професијата во која заработував подобро отколку како министер.

Друга причина беше и семејството. Тие секогаш ме поддржуваа во мојата политичка кариера и сите одлуки кои ги носев, но и многу трпеа заради тоа. И во оваа ситуација ја поддржуваа било која моја одлука, но сепак решив кога веќе ми се укажува шанса, да ја искористам и да можам да имам понормален живот.

Секој политичар има своја публика, па веројатно и Вашите симпатизери не останале рамнодушни по повлекувањето од политичката сцена. Какви се реакциите?

Реакциите, особено во првата недела, ми ја направија одлуката уште потешка. Добив многу честитки, но и многу пораки од луѓе кои ги знам и не ги знам, во кои изразуваат жалење што ја напуштив политиката. Особено, морам да признаам, ме изненадија пораките и убавите зборови од луѓе кои не бев ни свесен дека ме ценат и тоа што го правам. Еве и сега додека одговарам на прашањево, ми се враќаат тие зборови кои да бидам искрен тежат. Но, животот оди понатаму и цврсто сум уверен дека сите одлуки кои ги носиме како луѓе ни носат нешто подобро. Тоа е во човечката природа, секогаш да се бори за подобро.

Што Ви велат најблиските, дали сега наоѓате повеќе време за да поминете со Вашето семејство?

Мислам дека уште се збунети што ме гледаат толку. Е сега, не ме гледаат толку многу повеќе, со оглед на тоа што новота работно место е исто така многу одговорно и бара голем ангажман, но барем телефонските повици сега стивнуваат после 20:00, што не беше случај претходно. Така да имам повеќе време за нив, но сепак далеку од она што би требало.

Како Ви изгледа еден сосема нормален ден, без обврските кои Ви беа наметнати како министер?

Исто. Уште еднаш се потврдува дека сум воркохолик и дека едноставно тоа е до карактерот. Веќе неколкупати сум кажал дека денот го почнувам во 5:30 со вежбање, ги спремам децата за на училиште, го носам помалиот во училиште, потоа на работа од каде гледам да се приберам до кај 20:00 и сега конечно навечер имам шанса за квалитетно време со семејството. Поради пандемијата немаме многу избор што да правиме, но и гледањето на некој филм заеднички сите четворица е луксуз кој порано го немав.

Како би ја опишале 2020-та година и на што Ве научи истата?

Би ја опишал баш како година од која сите треба многу да научиме. Многу луѓе велат дека сакаат да ја заборават. Напритив, јас викам дека никогаш не треба да ја заборавиме. Нè научи колку сме ранливи, нè потсети можеби на тоа што е најважно, но и нè научи на сосема нови начини на работа. Дури и сè кога ќе се нормализира и веќе нама да има пандемија, начинот на кој живееме и работиме веќе никогаш нема да биде ист. И ова не го мислам во негативен контекст, туку напротив во позитивен. Многу процеси од областа на дигитализацијата се забрзаа со пандемијата. Во нормални услови за овие процеси можеби ќе беа потребни и десетици години. Ќе го повторам она што го кажав и погоре, од секоја ситуација треба да извлечеме максимум и да направиме нешто позитивно.

Кога објавивте за повлекувањето од политиката, воедно објавивте дека започнувате со нова работа, односно дека ѝ се враќате на саканата професија во целост. Кажете нѝ малку повеќе за тоа.

Една од причините зошто ја напуштив политиката е токму приказната за компанијата во која работам сега. Mak-System постои од 1984 година. Нашата компанија направила софтвер тука на Балканот, тоа е наш производ, кој сега е веќе светски стандард. Наши клиенти се Американскиот црвен крст, банки за крв, болници, државни системи за трансфузиологија од цела Западна Европа, Канада, Австралија, Хонг Конг, Африка, Јужна Америка... Ова е токму онаква приказна со каква што сакав кога бев министер да ги мотивирам нашите млади луѓе. Ние не работиме аутсорсинг за други, ние имаме наш производ, кој е светски бренд. Тоа е и формулата за развој на државата. Развој на ИКТ секторот, со развој на наши производи и решенија. На таков начин ќе останат младите тука во државата, но и ќе имаат работни места со високи плати.

Втора причина секако беше и фактот дека Mak-System сега е во сопственост на Carlyle Group, која е една од најголемите светски инвестициски компании. Јас фактички влегов во Mak-System со смената на сопственоста. Со инвеститор како Carlyle, производите нашите производи добиваат шанса за огромен технолошки напредок, уште поголема автоматизација, користење на вештачка интелигенција и сè она што го носат новите технологии. И затоа ни се потребни најдобрите луѓе. Најдобрите програмери, најдобрите инженери, најдобрите тестери, најдобрите проектни менаџери, со што уште повеќе ќе ја зацврстиме нашата позиција на пазарот.

Колку политиката може да влијае (позитивно или негативно) на Вашата понатамошна кариера?

Кај мене влијаеше многу позитивно. Проблемите со кои се соочувате во политиката ве прават посилни и ве подготвуваат за секој предизвик. Едноставно политиката ве подготвува дека зборот невозможно не постои. Исто така, имате шанса да се запознаете и со многу луѓе од кои може и да научите многу. Ретко во било која друга работа можете да запознаете толку многу луѓе, од толку многу различни делови на светот и со толку различни портфолија. Според мене токму луѓето кои ги запознавате се најголемата позитивна работа од политичкиот ангажман.

За крај, што е она што би им го порачале на читателите на Точка, како обичен граѓанин во ова општество?

Секогаш кажувајте го вашето мислење. Секогаш борете се за она во што верувате. Без борба и работа, никој ништо нема да ви даде. Бидете амбициозни и обидете се нешто самите да создадете, наместо да барате од други. Бидете свои, чесни, почитувајте се и бидете љубезни едни со други. На таков начин и општеството ќе се подобри.

На крајот можеби и најважно, чувајте се. Почитувајте ги мерките за заштита од Covid-19 и останете здрави.

Автор: Цеце Николова
Фото: Инстаграм - @dmanchevski



Спонзорирани линкови

Маркетинг