„Нашите региони имаат сочувано специфични традиции, особено кога се работи за гастрономијата. Новогодишните празници се како создадени да се проба паштета од Перигор, да се посетат божиќните пазари во Алзас, да се одберат највкусните колачиња со цимет и медењаци, да се избираат најубавите глинени фигурини во Прованса, но исто така да се пејат „Божиќни песни" на Мартиник или во Гвадалуп“- раскажува францускиот амбасадор во Р. Македонија Кристијан Тимоние за читателите на Точка.
- Божиќ е пред сè семејна прослава, додека новогодишната ноќ обично се прославува со пријателите. Во земјите кои имаат православна традиција, почувствував дека духовниот аспект на Велигден е поважен, но во Франција Божиќ, празникот на Рождеството, е еден вид мост помеѓу верниците и оние што не веруваат во бог, веројатно поради тоа што раѓањето како чин е посилен од верувањето во воскресението. Силата на Божиќ може исто така да се поврзе со денот на одржување на римскиот фестивал „Роденденот на Непобеденото Сонце", христијанизиран од католичката црква. Католиците ја негуваат традицијата на јаслите претставена обично со глинени обоени фигурини, „сантони" или мали светци каде што се прикажува сцената на воспитувањето на детето Исус од Марија и Јосиф, потоа ангелите, пастирите и маговите. Фигурата на детето се поставува кога верниците се враќаат од црква, а маговите се додаваат на 6 јануари, Денот на Богојавление, пред да се подели питата Галет де Роа, што претставува уште еден пагански обичај што се одржал во време на Божиќните празници. Божиќната елка пак, традиционално е германски обичај, што во Франција го донеле Алзашаните кои биле протерани од своите родни огништа од Прусите во 1871 година. Елката сè уште ги обединува семејствата, верниците, па и оние што не веруваат во господ
- Според традицијата, трпезата се поставува по враќањето од полноќната миса и завршувањето на постот... Што понекогаш и не е така лесно ;
Алфонс Доде напишал убава приказна за еден премногу алчен свештеник поради кој паднала клетва врз целото негово село, затоа што сакал што побрзо да се врати дома и да јаде од неговата полнета мисирка, завршувајќи ја полноќната миса предвреме и осудувајќи ги на тој начин своите парохијани да се враќаат секоја година како духови сè додека не се искупат за овој грев. Божиќ во деветнаесеттиот век веќе бил гурманска забава! На трпезата за почеток се сервирале паштети од паткин или гускин џигер, домашен колбас, пушен лосос и остриги, а потоа започнувал класичниот оброк со полнет петел, мисирка или гуска гарнирани со костени или со пире од костени, па на ред доаѓале задолжителните француски сирења и на крај се служела вкусна крем-торта со арома од ликер Гран Марние, направена во облик на ролат што потсетува на цепеница. Се работи за многу стар обичај кој донекаде се разликува од еден до друг крај, но се состои во горење или чување на една цепеница за да се обезбеди среќа за следната година. Во Прованса, на Југот на Франција, луѓето сè уште ја негуваат традицијата на тринаесет десерти во чест на Исус и апостолите.
- Божиќ стана празник на подароците, заменувајќи ги традиционалните прослави на Свети Никола или Новогодишната Ева, што пак е римска традиција. Дедо Мраз, кој според обичаите им носи подароци на децата, во Франција почнал да доаѓа по 1945 година и успеал да замени различни локални или семејни ликови: Исус, Свети Никола, Црниот Пит или самовилите кои во овој период од годината ги наградувале умните деца, а ги казнувале непослушните. Обичајот да се смири детската нетрпеливост и децата да се поттикнат да пишуваат, дошол преку идејата тие да му праќаат писмо на Дедо Мраз во кое ги кажуваат своите желби. Голем број секретари вработени во поштенските служби биле понекогаш ангажирани во пишувањето одговори на тие писма. Тоа е впрочем најсигурниот доказ за неговото постоење, што пак секогаш било повод за интересни разговори и прераскажувања на училишните игралишта. Во секој случај, Дедо Мраз постои во амбасадата на Франција каде што секоја година доаѓа за да ги награди француските и македонските дечиња - кои се многу умни и послушни!
- Празникот на подароците е всушност празник и на излозите од продавниците, кога традиционално семејствата ги посетуваат и им се восхитуваат на украсените излози низ големите трговски центри, кои пак се натпреваруваат да бидат што поинвентивни, со автомати, илуминации, холограми и што уште не, па и со настапи на познати уметници. Трговците го украсуваат понекогаш целото соседството или улицата со најразлични светилки или пак приредуваат музички забави. Тогаш може да се забележат најразлични теми од сите божиќни традиции. Исто така, традиционално ги посетуваме Божиќните пазари. Некои од нив, како што е на пример тој во Сен Жермен де Пре ги враќаат посетителите неколку века наназад и нудат француски или странски ракотворби. Градовите прават посебни напори за осветлување на главните сообраќајници и споменици, со прекрасни, украсени и креативно осветлени елки. Продавниците на модните дизајнери или луксузните брендови честопати се мошне инвентивни и алтернативни, како во улицата „Ди Фобур Сен Оноре” и авенијата „Монтењ”. Исто така, постојат иницијативи за солидарност, како што е традицијата со божиќниот чевел, наменет за повозрасните актери, што претставува еден вид лотарија што се организира во сите театри со нашите најголеми актери кои собираат пари за нив: секогаш тоа ме трогнува...
- Тешко е да се направи избор! Нашите региони имаат сочувано специфични традиции, особено кога се работи за гастрономијата. Новогодишните празници се како создадени да се проба паштета од Перигор, да се посетат божиќните пазари во Алзас, да се одберат највкусните колачиња со цимет и медењаци, да се избираат најубавите глинени фигурини во Прованса, но исто така да се пејат „Божиќни песни" на Мартиник или во Гвадалуп. На овие острови од Антилите, традиционално за Божиќ, луѓето си одат на гости едни кај други и пеат песни во кругот на семејството или пак со пријателите, дома или на улица. Празниците претставуваат можност да им се пренесе на децата многу богатата култура и еден дел од традициите на нашата земја. Божиќ на Корзика е, исто така, фестивал на музиката каде што се пеат веројатно едни од најубавите песни на светот, според мене, и каде што прославата во црквите долго се памети.
- Париз останува град на сите средби и откритија. Никогаш не е таков каков што сте го оставиле кога сте заминале. Париз е музеј на отворено и место каде што се создава историјата, одново и секогаш одново. Сегашната состојба е смирена и преземени се силни безбедносни мерки. Елисејските Полиња се најубавата авенија на светот, но тука е и старата населба Ди Маре со своите трендовски продавници, потоа. Ил Сен-Луј и бреговите на Сена, па продавницата за рум на Сен-Жермен де Пре каде што може да се загреете со коктели и различни видови рум од целиот свет, па улицата Муфтар позната по своите сирења или саемот на книгата Жорж Брасенс со околните кафулиња. Но и на многу други места и во многу други населби каде што убаво се живее, секогаш мирно и спокојно. Можеби ќе се сретнеме таму, оти планирам да ја збогатам мојата колекција на стари разгледници од Балканот!
- Ќе бидам во Скопје со семејството за нашиот Божиќ, а потоа во Париз за Нова Година, празникот на пријателите.
- Да бидат исполнети со позитивна енергија, со реализам и единство, за да направат решавачки чекор во својата историја! Да гледаат напред и заедно да продолжиме да ја градиме новата европска иднина, верни на вредностите што ги споделуваме и кои ќе претставуваат вистинско богатство, како за нив, така и за нивните деца...
(А.В.)