Мирјана и Бети од "Само Вистина" откриваат за Точка: Што прават политичарите откако ќе се изгасат светлата?

Точка

12/10/2017

11:58

27.964

Големина на фонт

а а а

Мирјана Трпчевска и Елизабета Галевска се искусни новинарки, во моментов актуелни со дебатната емисија на Канал 5 – Само Вистина. Еден од ретките ТВ производи каде политичките опоненти соочуваат ставови, мислења, а богами честопати и емоции.

По долго време на избегнување на дуели и соочување, политичките дебати повторно се вратија на телевизиите. Која била најжестоката дебата во студиото на „Само вистина“?

Мирјана: Тие меѓу кандидатите за градоначалници на Штип (Бочваров и Захариев) и Аеродром (Марин и Коневски). А од првата сезона, дебата со најголем адреналин и емоции беше таа помеѓу Павле Богоев и Богдан Илиевски, некогаш двајца многу блиски другари кои подоцна застанале на спротивставените страни на, би рекла, современите ,,револуции,,.

Што се случува после една таква дебата, кога камерите ќе се исклучат?

Мирјана: Некои демонстративно заминуваат, другите го довршуваат дијалогот со пијалок во бекстејџот, некои се обидуваат да спорат со мене како сум била ,,остра,, со едниот, а ,,блага,, со другиот...


Непријатна ли е атмосферата за време на рекламите или пак пред почетокот на соочувањето?

Бети: Да, имало и такви случаи. Истото важи и за ситуации кога имате само еден соговорник, знаете, секој различно го доживува настапот, некои од гостите се порелаксирани, други повеке напнати.

Мирјана: Се случува гостите едни со други од гостите да имаат непријатност, некогаш и јас ја забележувам. На нечии лица се гледа чувството дека можеби и претерале по малку, но на крај велат - па што, ова и ова не можам да му го простам.

Сметате ли дека младите треба да бидат заинтересирани за политика и зошто? 

Бети: Во Македонија дури и премногу се зборува за политика, и од тоа не се поштедени ниту младите. Не во смисла дека не треба да се дел од политиката, напротив, младите треба да се проактивни, да ја согледаат реалноста, Лично, очекувам дури и поголемо нивно вклучување во креирање на политиките...

Мирјана: Ќе одговорам со ДА, ја имаат младоста, ентузијазмот, енергијата и што е најважно немаат никакви ,,опашки“ зад себе. Посакувам младите во што поголем број да ги има на одговорни позиции, зашто нашата младина е интелигентна и образована.   

Доволно ли добро се запознаени младите со политичките случувања кај нас?  

Мирјана: Јас мислам да, дури и предобро. Нивниот одговор треба сите да не загрижува. Неповратно заминуваат од државава.

Бети: Се согласувам. Во ерата на глобализацијата, на интернетот, кога се може да се види, дознае, прочита, мислам дека тука младите се најсилни, „вооружени“ со знаење и информации, се доволно би рекла политички писмени, знаат да проценат што е вистина а што лага, што е добро а што лошо, и за нив поединечно, и за државата.


Кој, според вас, е поотворен за политичка дебата, младите или постарите политичари? 

Мирјана: Постарите се попресметливи, повеќе калкулираат, додека младите го немаат тој багаж и се далеку, далеку попрагматични, точни и прецизни.

Бети: И јас би рекла помладите. Доволно начитани, образувани, без хипотеки, барем во добар дел од случаите.

Колкав процент од политичарите бегаат од дуели? Тешко ли е да се договори некое гостување? Ако, да, на што мислите дека се должи тоа? 

Мирјана: 90 проценти од поканетите не сакаат дуели, со образложение не им се ,,допаѓа“ соговорникот. Нормално покомотни се кога се сами, иако во тој случај јас го ,,глумам“ опонентот. На што се должи тоа? Веројатно се водени од некоја политичка математика или да не се прифати од прва, да не испадне како во вицот, ,,лесен“ политичар.

Бети: Кај нас имаме многу малку примери кога главните политички фаворити сме ги виделе очи в очи на тв дуел. За жал, сеуште го паметиме само дуелот Црвенковски - Ѓеоргиевски, другите премиери досега не ги видовме на дуел. Зошто не прифаќаат, веројатно најдобро знаат самите, иако на јавноста мислам одамна и е се јасно.