Колку реално вреди минималната плата денес? Прашање што на прв поглед звучи просто, ама штом ќе се обидеш да пресметаш се претвора во лавиринт.
На хартија, минималната плата во Македонија изнесува 24.379 денари. Но во реалноста, кога ќе ги ставиш сите бројки на вага – цените, сметките, кириите, парчето леб и литар масло – вреди помалку од било кога.
„Со тие пари, не можеш да преживееш. Само за храна и за сметки ни одат над 25.000 денари“, вели Сузана од Скопје која работи како касиерка во маркет. „На крајот од месецот остануваш со неколку стотки во џебот, и пак мораш да се снаоѓаш — позајми, одложи, моли“.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека синдикалната минимална потрошувачка кошница за едно четиричлено семејство изнесува над 50.000 денари.

Тоа значи дека за основните потреби, дури и најниската плата покрива само половина од она што реално му треба на едно семејство.
„Секој ден е борба. Ни останува само креативноста — како да преживееш со ништо“, додава таа со горчлива насмевка.
Економистите објаснуваат дека реалната вредност на минималната плата е „изедена“ од инфлацијата.
„Во последните три години, цените на храната се зголемија за над 30%. Тоа значи дека со истите тие 24.379 денари денес може да купиш значително помалку отколку во 2021 година. Реалната плата, во суштина, паднала за најмалку 15%“, велат познавачите.
И тоа не е само бројка на хартија. Само за основните производи – леб, млеко, месо, јајца, зеленчук – според последните податоци, едно четиричлено семејство троши повеќе од 20.000 денари месечно. Тука не се вклучени лекови, гориво, превоз или школски материјали. Ако се собере сè… тешко дека нешто останува.

Работодавците, пак, велат дека не е едноставно да се зголеми платата без последици по фирмите.
„Проблемот е двоен“, вели еден сопственик на мала фабрика од Велес. „Ако ја качиме минималната, треба да ги качиме сите плати. А ние веќе работиме со тенка маржа, струјата и транспортот се поскапи, и на крај излегува дека државата не помага ни на едните, ни на другите“.
Но синдикатите тврдат дека тоа е класична изговорена песна што ја слушаме со години.
„Не може работник да живее на раб на сиромаштија, а газдите да трупаат профит и да купуваат нови џипови“, реагираат синдикалците.
Тие бараат минималната плата да се усогласи со реалната потрошувачка кошница, како што тоа се прави во повеќето европски земји.
Остатокот од текстот можете да го порчитате ТУКА.











