Дали веќе влегуваме во нова ера на социјалните мрежи?

Точка

01/11/2025

12:00

751

Големина на фонт

а а а

Големите технолошки компании сакаат да им дадат „AI-преобразба“ на социјалните мрежи – но засега сè изгледа прилично хаотично.

Извршниот директор на „Meta“, Марк Закерберг, оваа недела објави дека компанијата планира да „додаде огромен корпус на содржина“ во својот систем за препораки, бидејќи вештачката интелигенција „го олеснува создавањето и преработката“ на содржината што се споделува на социјалните мрежи. „Досега социјалните медиуми поминаа низ две фази“, рече Закерберг. „Првата беше кога целата содржина доаѓаше од пријатели, семејство и профили што директно ги следевте. Втората започна кога ја додадовме содржината од креаторите.“

Иако избегна директно да ја нарече вештачката интелигенција „третата фаза“ на социјалните медиуми, јасно е дека токму таа технологија ќе игра клучна улога во она што следи.

Социјални мрежи со алгоритми што „разбираат“ AI

Системите за препораки што наводно „длабински ги разбираат“ објавите генерирани со вештачка интелигенција треба да станат сè повредни. „Meta“ веќе почна да вградува AI-алатки во своите апликации, а моментално експериментира и со нови социјални апликации засновани целосно на вештачка интелигенција.

Финансиската директорка на „Meta“, Сузан Ли, изјави дека корисниците досега создале повеќе од 20 милијарди слики во рамки на новата апликација „Vibes“, која нуди целосен фид со видеа генерирани од AI – слично на „Sora“ од „OpenAI“.


Загриженост за авторски права и дезинформации

Овие планови предизвикаа голема загриженост на интернет – од прашања дали овие алатки ги кршат законите за авторски права, до стравови дека ќе придонесат кон уште поголемо ширење на лажни содржини.

Софистицирани алатки како „Sora“, кои можат да создаваат снимки што изгледаат речиси реално, ги подигнаа овие стравови на сосема ново ниво – особено затоа што, како што откри технолошката публикација „404 Media“, водените жигови што означуваат дека видеата се генерирани со AI можат лесно да се отстранат.

Видеата создадени со „Sora“ содржат и „C2PA“ метаподатоци – индустриски стандарден дигитален потпис што го означува изворот на видеото. Компанијата додава дека нејзината технологија може да препознае луѓе и јавни личности, како дел од мерките против „deepfake“ содржини.

„Meta“, пак, тврди дека медиумите создадени со нејзините AI-алатки имаат „невидлив воден жиг“ кој помага при следење на штетна содржина генерирана со вештачка интелигенција, како и видливи ознаки што укажуваат на потеклото на содржината.


Забуна околу приватноста и AI-асистентите

Почетокот на годината донесе контроверзија околу комбинирањето на социјалните мрежи со AI-асистенти, бидејќи корисниците на „Meta AI“ не биле свесни дека нивните прашања – некои од нив поврзани со чувствителни теми како медицина или право – биле дел од јавниот фид на апликацијата.

„Meta“ потоа изјави дека разговорите, по дифолт, се приватни и не се споделуваат јавно, освен ако корисниците сами не изберат тоа да го направат преку повеќестепена постапка.

Дали ова е нов тип на социјална мрежа?

Новите апликации се осмислени за да ги поттикнат корисниците на создавање содржина и потенцијално да станат главни платформи за идните генерации креатори. Сепак, нивната сличност со „TikTok“ и други апликации за кратки видеа покажува дека платформите имаат амбиција да станат примарно место за консумирање содржина – или можеби сведочиме за сосема нов облик на социјални мрежи, што дури и компании како „OpenAI“ и „Meta“ сè уште се обидуваат да го дефинираат.