Соработката меѓу "Volkswagen" и американскиот старт-ап трае веќе некое време, а деновиве дополнително се продлабочува.
Откако минатиот месец "Volkswagen" и "Rivian" потпишаа договор за соработка вреден речиси 6 милијарди долари, во јавноста протекоа конкретни информации за очекуваните резултати од нивната идна соработка. Имено, нивната заедничка компанија има за цел да развие архитектура на електрични возила и софтверски решенија за нив.
Сега се знае дека "Volkswagen" уште еднаш ќе ги сврти работите. Првично, електричниот "Golf" беше заменет со "ID. 3", а сега првиот "ID" модел треба да ја замени деветтата генерација на "Golf". Погодувате, "Rivian" ќе работи и на развојот на новиот "Golf". Ова го потврди Томас Шефер, првиот човек на германската компанија.
Кога претходните информации се сублимираат, тоа значи дека новата "Scalable Systems Platform" (SSP), која заеднички ја развиваат "VW" и "Rivian", ќе биде основа за новиот електричен Golf. Платформата за прв пат ќе се користи малку порано, на моделите на Audi и Porsche.
Во изјавата за "Automotive News", Шефер потврди дека им е потребна помош од "Rivian" за создавање на целосно новиот "Golf": „Одлучивме како да создадеме софтверски дефинирано возило. Ова ќе се случи со "Rivian", во заедничко вложување, и решивме дека сакаме да го започнеме ова патување со легендарниот производ, па затоа започнавме со Golf“.
Во секој случај, новиот "Golf" ќе треба да почека до крајот на деценијата, поточно до 2029 година. Дотогаш, "Volkswagen" паралелно ќе ги нуди постоечкиот Golf и постојано подобрениот ID. 3. Можеби најинтересното е што сегашниот "Golf" очигледно ќе остане во продажба до 2035 година или цели 16 години по неговото претставување.