Експресен одговор на Русија на ограничувањето на цената на руската нафта: Европа отсега ќе живее без неа!

Денар

04/12/2022

15:00

7.173

Големина на фонт

а а а

Русија го отфрли наметнувањето на западната ценовна граница на извозната цена на нејзината нафта, велејќи дека „Европа сега ќе живее без руска нафта“.

Да потсетиме дека претходно објавивме дека групата Г7, која ги обединува најмоќните светски економии, заедно со Австралија и Европската унија, се согласи да воведе ограничување на цената од 60 американски долари за барел руска нафта.

Тоа е потег на западните земји кои сакаат да ја спречат експлозијата на цените, но и да му ги ускратат на рускиот претседател Владимир Путин средствата што му се потребни за финансирање на војната во Украина. Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, исто така го коментираше денеска ограничувањето на цената, велејќи дека Москва „нема да го прифати“, пренесува руската прорежимска агенција РИА.

Песков рече дека Русија ќе спроведе „брза анализа“ на договорот за ограничување на цената и потоа ќе одговори. Сепак, пред официјалниот одговор на Москва, важна порака дојде од Михаил Улјанов, постојан претставник на Москва во меѓународните организации во Виена, кој рече дека европските земји кои го поддржуваат ограничувањето на цената ќе зажалат за својата одлука.

„Од оваа година Европа ќе живее без руска нафта“, објави Улјанов на Твитер, додавајќи: „Москва веќе јасно стави до знаење дека нема да продава нафта на земјите кои поддржуваат антипазарни ограничувања на цените“. Само почекајте, наскоро ЕУ ќе ја обвини Русија дека користи нафта како оружје“.

Новото ограничување на цената на руската нафта, што вчера го договорија членките на Европската унија, а денеска го потврдија членките на Г7 и Австралија, „веднаш ќе го прекине главниот извор на приход на Путин“, велат од САД. Американскиот министер за финансии Џенет Јелен рече дека ограничувањето, кое беше официјално одобрено од западните сојузници вчера, дојде по месеци напорна работа.

Ограничувањето ги спречува земјите да плаќаат повеќе од 60 долари за барел за извоз на руска сурова нафта преку море. Тоа треба да стапи на сила на 5 декември или веднаш по него. „Земјите со низок и среден приход, кои беа силно погодени од високите цени на енергијата и храната, особено ќе имаат корист од ова ограничување“, рече Јелен.

Таа, исто така, додаде дека тоа дополнително ќе ги ограничи финансиите на рускиот претседател Владимир Путин и ќе ги ограничи приходите што тој ги користи за финансирање на неговата брутална инвазија, а истовремено ќе избегне прекини во глобалните резерви што може да доведат до скок на цените на горивото ширум светот.

– Имајќи предвид дека руската економија веќе се намалува, а буџетот се повеќе се растегнува, ценовното ограничување веднаш ќе го прекине најважниот извор на приход на Путин – рече Јелен.

Тие утрово во Кремљ изјавија дека ќе продолжат да ја продаваат својата нафта и дека се убедени дека секогаш ќе има купувачи за руската нафта. „Таквите чекори неизбежно ќе резултираат со зголемена неизвесност и наметнување повисоки трошоци за потрошувачите на суровини. Без оглед на сегашното флертување со опасен и нелегитимен инструмент, ние сме уверени дека руската нафта ќе продолжи да биде барана“, велат од руската амбасада.

Целта на ценовната граница, која е идеја на групата Г7, е да се намалат приходите на Русија од продажбата на нафта, а во исто време да се спречи растот на глобалните цени по ембаргото на Европската унија за увоз на руска нафта во декември.

Варшава се спротивстави на предложената цена и размислуваше да ја задржи цената под пазарното ниво. Во преговорите со ЕУ, Полска лобираше цената да биде што е можно пониска со цел да се намали приходот на Русија и да се ограничи способноста на Москва да ја финансира војната во Украина.

Амбасадорот на Полска во ЕУ, Анджеј Садош, вчера изјави за новинарите дека Полска ја дала својата поддршка за договорот, кој вклучува механизам за задржување на плафонот на цените најмалку пет отсто под нивото на пазарот. Американските власти рекоа дека тоа е договор без преседан, што ја покажува одлучноста на коалицијата да се спротивстави на војната на Русија.

Портпаролот на Чешка, која во моментов претседава со Советот на ЕУ и ги надгледува преговорите во рамките на Унијата, по договорот на Полска изјави дека неговата земја започнала писмен процес преку кој сите 27 земји-членки официјално ќе го одобрат договорот.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека ограничувањето на цената значително ќе ги намали руските приходи.

„Тоа ќе ни помогне да ги стабилизираме цените на енергијата ширум светот, во корист на економиите во развој ширум светот“, напиша Фон дер Лајен на Твитер, додавајќи дека ограничувањето ќе биде „прилагодливо со текот на времето“ за да одговара на развојот на пазарот.

Ограничувањето ќе им овозможи на земјите надвор од ЕУ да продолжат да увезуваат руска нафта во странство, но ќе им забрани на бродските и осигурителните компании да ракуваат со руска нафта низ целиот свет, освен ако не се продава по цена под ограничувањето.



Спонзорирани линкови

Маркетинг