Доктор специјалист анестезиолог Абдулџелал Есати од тетовско Теарце, веќе неколку години е во пензија, но тоа е така само на хартија зошто тој и натаму продолжил професионално да работи.
Неговото возило практично е подвижна амбуланта, а има сè за брза интервенција со која спасува човечки животи. Тој на овој начин одлучил да го продолжи работниот век преку хумани мисии.
„Луѓето од околината ме знаат, ако сакаат брза интервенција ми се јавуваат, јас пристигнувам на лице место. Во крвта ми е да им помагам на луѓето“, вели тој.
Минатиот месец доктор Есати, познат кај народот во полошко како доктор Џеки, интервенирал кај работник од ЕВН откако тој паднал од дрвен столб „бандера“, додека работел на пријавен дефект.
Работникот се здобил со тешки повреди при падот, но за среќа брзата интервенција на пензионираниот доктор спречила поголема трагедија.
„Ми се јави еднo лице со паничен глас. Докторе дали сте дома, дома сум, му одговорив. Ми лоцираше место, имаше паднато од бандера, работник од ЕВН. Стигнав за кратко, оти јас сум од Теарце, а и настанот се случи во оваа општина. Ја видов непогодата. Мрак, ветер, дожд, паника, народ насобран, офкање на пациент. Додека работел се скршила бандерата сосе одвод и паднала долу. Во несреќа, среќа што главата на жртвата, на пациентот, беше над бандерата која паднала на средината од неговото тело. Со помош на народот ја поместивме бандерата. Бев принуден да ја сечам неговата униформа, за да можам да најдам вена. Ние ја нарекуваме животна вена.За среќа ја погоди вената. Ја превенирав болката. Ја имобилизирав ногата.Ја покачив тензијата, стана контактибилен. Од моја страна со помош на народот заврши успешно реанимација. Брзата помош поради далечина, поради обврски во градот, секогаш доцни. Болниот го транспортиравме за Скопје поради голема фрактура на ногата“,вели доктор Абдулџелал Есати.
Докторот додал:
„Возилото ми го знае и полицијата, па дури и на граничните премини кога поминувам ретко кога го проверуваат. Како доктор воопшто не сум зел годишен одмор. Брзите интервенции се многу значајни од здравствен, но и од морален аспект, да те види повредениот дека има доктор покрај себе. Но, мора претпазливост, при брзата интервенција може да се згреши, иако кај искусните доктори тоа е ретко“.