Дали се заострува? „Многу погрешни, опасни сигнали“

Денар

24/09/2022

16:42

5.468

Големина на фонт

а а а

Кина ги обвини САД дека испраќаат „многу погрешни, опасни сигнали“ до Тајпеј.

И тоа откако американскиот државен секретар Ентони Блинкен му рекол на својот кинески колега Ванг Ји дека одржувањето на мирот и стабилноста во Тајван е од витално значење, рекоа американските официјални лица цитирани од Ројтерс.

Тајван беше во фокусот на 90-минутните „директни и искрени“ разговори во петокот меѓу Блинкен и Ванг на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, изјави за новинарите американски официјален претставник.

„Во разговорот, американскиот државен секретар јасно стави до знаење дека, во согласност со нашата долгогодишна политика на една Кина, која не е променета, одржувањето на мирот и стабилноста во тајванскиот теснец е апсолутно, од витално значење“, рече високо – рангиран функционер на американската администрација.


Кинеското Министерство за надворешни работи во соопштението по средбата наведе дека САД испраќаат „многу погрешни, опасни сигнали“ до Тајван и дека како што се зголемуваат активностите на Тајпеј за независност, веројатноста за мирно решение се намалува.

„Прашањето со Тајван е внатрешно прашање на Кина, и САД немаат право да се мешаат во кој метод ќе се користи за негово решавање“, рече Ванг, според соопштението на кинеското министерство.

Тензиите околу Тајван се зголемија поради посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси на Тајпеј во август, која беше проследена со големи кинески воени вежби, како и поради ветувањето на американскиот претседател Џозеф Бајден дека ќе го брани островот во случај на напад од Кина, според Ројтерс.

Белата куќа инсистира дека нејзината политика кон Тајван не е променета, но Пекинг рече дека забелешките на Бајден испратиле погрешна порака до оние кои се залагаат за независност на островот, за кој Кина тврди дека е нејзина територија.

Министерството за надворешни работи на Тајван, како одговор на средбата меѓу Блинкен и Ванг, рече дека „неодамнешните провокативни акции“ на Кина предизвикале тајванскиот теснец да биде во фокусот на дискусијата и дека Кина се обидува да ја „збуни меѓународната заедница со аргументи и критики кои се спротивни на реалноста“.


Стејт департментот претходно рече дека состанокот на Блинкен со Ванг бил дел од напорите на САД да „одржат отворени линии на комуникација и одговорно да управуваат со конкурентите“, а високиот функционер рече дека Блинкен ја повторил отвореноста на САД да „се ангажираат со Кина за прашања од глобално значење“.

Блинкен, исто така, ги „нагласи импликациите“ доколку Кина обезбеди материјална поддршка на руската страна во војната во Украина или ако учествува во заобиколувањето на санкциите наметнати на Москва, додаде официјалниот претставник. Американските власти во минатото постојано велеа дека не нашле докази дека Кина дава таква поддршка, пишува Ројтерс.

Блинкен „подвлече дека САД и Кина и целата меѓународна заедница имаат обврска да работат на потиснување на последиците од оваа војна, како и да ја одвратат Русија од понатамошни провокативни дејства“, рече претставникот.

На состанокот на Блинкен со Ванг му претходеше состанок на министрите за надворешни работи на алијансата Квад, која ги обединува Австралија, Индија, Јапонија и САД, од која беше објавена изјава во врска со индо-пацифичкиот регион, во која се вели дека алијансата „силно се противи на секакви унилатерални акции кои се обидуваат да го променат статус квото или да ги зголемат тензиите во регионот“.

Од посетата на Пелоси, „Кина презеде низа провокативни чекори кои намерно го променија статус квото“, рече американскиот претставник. Американскиот потпретседател Камала Харис ќе разговара за безбедноста на Тајван за време на билатералните состаноци со лидерите на американските сојузници Јапонија и Јужна Кореја за време на посетата следната недела, изјави друг американски претставник, пренесе британската агенција.



Спонзорирани линкови

Маркетинг