Вицепремиерот Бојан Маричиќ е убеден дека Македонија може да влезе во ЕУ ако го прифати францускиот предлог и ги почне веднаш преговорите.
„И Србија и Црна Гора имаат слични преговарачки рамки. Тие преговараат повеќе од пет години и јас мислам дека би можеле и ние да ја завршиме домашната задача до крајот на оваа деценија. Шансата е тука и не треба да ја пропуштиме“, рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, по денешната средба на партиските работни групи во Клубот на пратениците, посветена на разгледување на последниот француски предлог.
Маричиќ посочи дека на состанокот ги изнеле своите позиции, а ВМРО-ДПМНЕ изнела и други идеи поврзани со евентуални промени на преговарачката рамка.
„Беше добра почетна средба со овие позиции и мислам дека во наредните денови треба да продолжиме да разговараме, односно постои желба да се разговара на оваа тема“, изјави Маричиќ.
Вицепремиерот посочи оти ги објасниле механизмите за заштита на нашиот национален идентитет пред пратеничките групи.
„ВМРО-ДПМНЕ изнесе ставови што ние веќе сме ги разговарале и во преговарачкиот процес, мислам ако продолжиме со разговори, може да се надеваме на некакво поместување. Самиот факт што сме тука и ги отворивме ставовите, имаше и предлози од Павле Трајанов, имавме активно учество и од ДУИ и од Алијансата за Албанците како опозициска албанска партија и мислам од сите актери имаше атмосфера во која треба да се продолжат разговорите“, додаде тој.