Променет имиџ, друга професија и ново хоби: Каде е и што прави Ивце Пивце по повлекувањето од ТВ екраните?

Точка

21/03/2022

23:37

214.203

Големина на фонт

а а а

Ивица Маринковиќ, или за пошироката јавност познат како Ивце Пивце, водителот кој долги години е познат по своите единствени детски емисии, веќе две години не е на ТВ екраните.

Во ексклузивно интервју за Точка октрива дека токму коронавирусот бил причина за прекинувањето на детската емисија „Ивце Пивце и другарите“, која првично го носеше името „Горе-долу сите сме еднакви“.

Две години подоцна - Ивце целосно го променил имиџот, има нова професија, предава средното ветеринарно училиште „Браќа Миладиновци“ во Драчево, има ново хоби...

Прочитајте го понеделничкото, полно со хумор интервју со водителот/професор Ивце Пивце, во кое ви откриваме многу интересни детали од неговиот приватен живот. 

Каде е Ивце Пивце?

Ете, се случи неочекувано да заврши емисијата поради короната, февруари - март 2020 година. На почеток мислевме на кратко, но како поминуваше времето, се виде дека станува збор за сериозен проблем. Размислувавме да се продолжи со онлајн вклучувања на децата колеги-водители, но по апокалиптичните слики и информации од Италија, сфативме дека ние со нашиот хумор и безгрижност може да бидеме погрешно разбрани. И застанавме. Тоа „застанување“ сè уште трае.


Детска емисија „Горе-долу сите сме еднакви“

Во меѓувреме Ивце Пивце си најде ли деца за дружба? 

Да, во меѓувреме „фатив“ други деца. Нема кај да бегаат, хахаха. Како што викаше еден наш џингл „Ви нема спас од нас“.

Некако истовремено дојде поканата да станам наставник, а воедно и ПР во средното ветеринарно училиште во Драчево.

Честопати сум се прашувал какво ли е чувството да си учител? Пред сè на оние најмалите. Прв учител... учител што ги учи да читаат и пишуваат.

Ја прифатив поканата да бидам повторно со децата. Е сега, овие деца не се најмали, напротив, ова се најголеми деца, деца пред влез во светот на возрасните, деца во пубертет, адолесценти. Деца кои израснаа со моите емисии.


Ивце како професор

Наставата беше онлајн. Јас дома, тие дома. Јас вклучен со камера, тие кој како. Некој со камера, на некој „не му работи камерата“. На некој ниту микрофонот, хахахаха.

Се чувствував како на ТВ: зборуваш, се обидуваш да бидеш интересен, но не си баш најсигурен колкава публика имаш и како тоа допира до нив. Сепак, колку си поинтересен, расте „рејтингот“, се вклучуваат сè повеќе камери и микрофони. Толку се соживеав што понекогаш часовите ги завршував како одјава на ТВ емисиите: „Ви посакувам убав викенд, чувајте се, бидете среќни и расположени. Се гледаме другата недела во исто време, на исто место“.

Што би рекла мојата сопруга Аге, уште спонзорите да ги наредеше! Затоа, ја користам оваа прилика да се заблагодарам на короната и нејзините составни елементи што ми овозможи повторно да бидам со мојата најдрага публика - децата, хахахаха.

Да не имаш за уште нешто да ѝ се заблагодариш на короната?

Да! Се заблагодарувам на короната што ме поттикна да планинарам на Водно.

Сите што ме познаваат, знаат колку не сакам да пешачам, знаат дека првпат се качив на врвот на Водно откако ја направија жичарницата. И одеднаш јас станав редовен посетител на Водно.


Ивце со сопругата Аге на Водно

На почетокот си велев ај да ги послушам докторите и сопругата. Малку пешачење на отворено, да се избегнуваат гужви и контакти и малку по малку, сè почесто и почесто. Најчесто за викенд, но и во работен ден кога немаме обврски. Лето-зима.

До толку се опуштивме со сопругата, што знаеме да залегнеме и да се печеме на сонце. Мене и дремка да ме фати, па ако сум ептен среќен, знам и по некоја нота крчење да отсвирам. Но затоа е тука сопругата, секогаш да ме врати во реалноста.

Кој би рекол дека короната може да ме усреќи?!?

Короната ти го смени имиџот. Почна да носиш брада во време на корона. 

Во принцип, од кога паметам за себе, мојот имиџ бил „сто и кусур кила и некоја фризура“. Ова со килажата го задржав, а за фризура имам сè помалку материјал. Затоа се префрлив на брада. А и полесно се пушта брада отколку да се намали килажа.

Дали короната те спречи во нешто?

Да. Ме спречи да патувам. Многу сакам да патувам. Повеќе сакам, отколку што патувам, но како беше онаа изрека: „Секому според заслуженото“.


„И Париз заслужува уште едно гледање“

Со сопругата Новата 2020-та ја пречекавме во Виена. Толку бевме воодушевени што си ветивме дека напролет пак ќе дојдеме. Тогаш денот ќе биде поголем, времето потопло и ќе ја прошетаме темелно. Виена „го заслужува“ тоа.

Арно ама, дојде короната и ги расипа нашите планови. Но, јас кога ќе ветам нешто, исполнувам. Особено кога ќе си ветам нешто на себе!

А кон другите, дали секогаш ги исполнуваш ветувањата? 

Да, секогаш!

Освен последниот пат кога не исполнив едно ветување кон ќерка ми Јана.

Уште кога беше мала ѝ ветив дека ако заврши факултет ќе изнајмам еден билборд во центарот на Скопје и ќе ѝ се извинам јавно.

Бев сериозен затоа што сè друго ја интересираше освен учењето: разно-разни вон школски активности и нетипични спортови, а највеќе (според мене) бесцелно шпартање по населба. Во меѓувреме дипломираше, па дури и магистрираше на Правен факултет на УКИМ (Односи со јавност).


Магистратура на Јана Маринковиќ, ќерката на Ивце

Многу се мислев дали да го исполнам ветувањето?!? Сепак реков да станам посериозен, највеќе заради нејзе, за да не ѝ наштетам. Паралелно со студирањето, таа веќе работеше во странски компании и не бев сигурен колку нејзините претпоставени можат да го сфатат хуморот на Ивце Пивце.

Ако се важи вака преку Точка... хммм би требало да се важи... Точка е поголема од еден обичен билборд во центар!

ИЗВИНИ ЈАНА ЗА МОЈАТА ЛОША ПРОЦЕНКА. (НЕ)НАМЕРНО БЕШЕ!

Познат си по чудните наслови на своите дела: радио емисија за деца „Ех, во мое време“, ТВ емисија за деца „Горе-долу, сите сме еднакви“; книга „За можење можам - но дали смеам“. Воедно, името на твоето куче малтезер е Шарко. 

Да, сè си има своја (или моја) логика:

За мене е логично емисијата за деца да се вика „Ех, во мое време“.

Во емисијата се зборуваше за нивното време, нивните проблеми, нивната музика. Јас влегов во нивното време и нивниот свет.

Со „Горе-долу, сите сме еднакви“, сакав да им помогнам на децата. Сакав да ги изедначам децата и нивните права со нас возрасните. Тврдам дека децата се „помалку еднакви“ во однос на нас возрасните.

Со книгата исто така! Децата можат многу повеќе отколку што ние им дозволуваме. Ние возрасните сакаме да ги ставиме во нашиот калап, за ние мирно да спиеме. Треба да бидеме похрабри и со повеќе доверба кон децата.


Ивце и Шарко

Мојот малтезер Шарко е посебна приказна. Го добив на подарок за мојот 50-ти роденден од ќерка ми и жена ми.

Се изненадив на подарокот. Воопшто не очекував такво нешто.

Требаше да го крстам. Но како? Ќерка ми и жена ми имаат премногу архаични имиња: Јана и Јагода. Ако го крстев Скај, Астор или Рекс, можеби ќе беше премодерно во однос на нивните имиња. Затоа, за мир во куќа го нареков Шарко. Старо македонско име за куче. Додуша, ниту е шарпланинец, ниту е шарен, но ептен му личи како за миленик на Ивце Пивце.

Автор: Цеце Николова
Фото: Приватна архива



Спонзорирани линкови

Маркетинг