Видео: Адел расплакана ги откажа концертите во Лас Вегас, фановите се лути бидејќи тоа го направила во последен момент

Точка

21/01/2022

14:34

13.942

Големина на фонт

а а а

Британската пејачка Адел ја одложи серијата настапи во Лас Вегас само 24 часа пред да се одржи првиот и им се извини на обожавателите преку социјалните мрежи, пишува „BBC“.

Адел на социјалните мрежи објави видео во кое објаснува зошто била принудена да откаже вкупно 24 настапи.

Британската пејачка требаше да го одржи првиот од вкупно 24 настапи во Лас Вегас на 21-ви јануари. Било планирано да има два настапи секој викенд, што значи дека ќе настапува во Лас Вегас до април.

Денешниот настап требаше да биде нејзин прв концерт по петгодишна пауза, не сметајќи ги неколкуте помали настапи на кои го промовираше нејзиниот последен албум „30“.

„Бев будна 30 часа обидувајќи се да ја спасам концертната продукција, но ми снема време. Невозможно е да ги подготвам навреме. Не можам да ви го дадам она што го ветив и тоа многу ме растажи“, вели Адел во видеото.

Таа им се извини и на обожавателите кои веќе пристигнале во Лас Вегас: „Жал ми е што откажуваме сè во последен момент“.

Една од обожавателите, која пристигнала со нејзината сестра од Бруклин, рекла дека разбира како коронавирусот влијае на индустријата и на светот, но дека одлуката на Адел е како „шамар“ за неа.

Пар од Канзас, исто така, не го крие својот гнев, велејќи дека платиле речиси 2.000 долари за хотели и летови до Лас Вегас.

Адел на крајот додаде дека нејзиниот тим веќе работи на поместување на датумот, а наскоро ќе има повеќе информации за концертот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг