Фото: Објавени нови сателитски снимки од руска војска на украинската граница

Макфакс

07/12/2021

18:05

6.623

Големина на фонт

а а а

Американските медиуми продолжуваат да презентираат докази за руска акумулација на сили по должина на границата со Украина и подготовки за можна инвазија.

Откако „Вашингтон пост“ објави документ на американското разузнавање со карта на наводните планови за руска инвазија на Украина и сателитски снимки од руските засилувања по должина на границата, „Фокс њуз“ во понеделникот објави нови, уште подетални сателитски снимки на руските сили кои се акумулираат по должина на украинската граница.

Каналот „Фокс њуз“ снимките ги добил од американската сателитска компанија Maxar Technologies, која ги собирала во текот на изминатиот месец. На објавените сателитски снимки се гледаат неколку локации на западот на Русија, како и една на Крим, каде се распоредени руски тактички борбени групи, кои содржат војници и опрема, односно тешко вооружување и воени возила.

Да потсетиме, „Вашингтон пост“ неколку дена претходно објави некласифициран разузнавачки документ со наслов „Потенцијал за 175.000 руски сили во близина на Украина: докази за планирање и неодамнешно движење на артилерија, опрема и човечка сила“, за што весникот добил потврда и од американски официјални лица.

„Руските планови предвидуваат воена офанзива врз Украина уште на почетокот од 2022 година, со сили двојно поголеми отколку што видовме минатата пролет за време на вонредните (воени) вежби на Русија во близина на границите на Украина. Плановите вклучуваат опсежно движење на 100 тактички баталјони со околу 175.000 луѓе заедно со оклопни возила, артилерија и опрема“, изјавил претставник од американската администрација за „Вашингтон пост“ барајќи да остане анонимен за да може да ги открие овие чувствителни информации.




Спонзорирани линкови

Маркетинг