Интервју со Анита Никова Бундовски – МАСИТ и Филип Петровски - Data Masters

Точка

28/10/2019

20:39

9.799

Големина на фонт

а а а

Анита Никова Бундовски, Извршен директор на МАСИТ, дел од ИКТ индустријата во Северна Македонија и регионот скоро 15 години, главен организатор на конференцијата на МАСИТ, Data as an asset (www.seeita.org).

Филип Петровски, Дата Архитект и генерален менаџер на Дата Мастерс, консултант со 7 годишно работно искуство, кој во последниве 3 години е вратен во Македонија со визија и мисија да го пренесе своето искуство на домашните компании и да изгради Data Science заедница во Македонија.

Анита: Што претставуваат податоците за бизнисите и воопшто општествата денес? И зошто токму оваа тема ја избравте за носечка на претстојната, 16та по ред МАСИТ годишна конференција? 

Во време кога сите ние сме опколени со преголем обем на информации, доаѓањето до правата информација е предуслов за преживување. Живееме во доба во која сме претрупани со податоци, информации, анализи и извештаи од секаков вид и извор. Време во кое лажните вести станаа меинстрим, а најбанална вест може да стане вирална за само еден ден. Но влијанието кое може да го постигне ваквото раширување на информација, брендот кој може да се прослави преку истата, или ликот кој може да стане идол на многу, не е далеку од реалност. Нашата држава и регионот е во фаза на интегрирање во ЕУ, многу од нашите компании работат со клиенти од западна Европа и Северна Америка, каде за точен податок се инвестираат големи суми. Но имањето на точен податок, укажува на сигурност, доверлив партнер и партнер кој внимава на својот кредибилитет. Нашата цел во МАСИТ е токму вакви ИКТ компании да градиме во нашата индустрија. Нашата визија е нашите компании да бидат препознатливи како фирми кои во секое време располагаат со точни податоци, набавени на најефикасниот можен начин. И би одела еден чекор понатаму, ваквите ИКТ компании, да им помогнат и на останатите сектори во економијата да развиваат продукти и сервиси базирани на точни претпоставки за потенцијал за развој на бизнис, извоз на нов пазар, или времетраење на производство на нов продукт или сервис.

Со цел да ги отвориме сите овие теми и да доближиме примери од странство, решивме да ја организираме 16тата конференција на МАСИТ, на тема која ќе го истакне значењето на информацијата и податокот, и ја разбие стигмата дека ние се’ знаеме и сами се’ можеме.

Филип: Колку од одлуките во корпоративниот свет, во земјава и странство се носат на база на податоци?

Од искуството во Македонија во последниве две години можам да кажам дека постои сериозна разлика помеѓу домашните компании и компаниите со кои сум имал можност да работам надвор од Македонија во тоа како се анализираат податоците и како истите се користат при носење на одлуки. Најголемата причина за овој факт не се самите компании туку процесот на анализа и интеграција на податоците, кој за жал кај нас се прави мануелно, со многу голема зависност од Ексел за калкулација на интеграција на податоците, а со тоа е и премногу бавен и скап што додека да се добие една релевантна информација потребна за менаџментот истата е веќе застарена. Покрај тоа што самиот процес е бавен, најчесто “најскапите” вработени се заглавени во таа мануелна борба со екселите и наместо своето време да го инвестираат во анализа, brainstorming и развој, поголемиот дел од своето време го користат спојувајќи Ексели и ризикувајќи грешки кои пак можат да ги однесат во сосема друг правец.


Во поразвиените земји пак, компаниите веќе го завршиле процесот на интеграција на своите системи во еден, инвестирале доста во консултанти кои ги подигнале на едно повисоко ниво и веќе можат да прават и ad-hoc анализа, и комплетно да веруваат во точноста на податоците, а со тоа и најдобрите и најскапите вработени да ги фокусираат према анализа и планирање наместо на мануелна работа.

Анита: Дали имаме референтна земја со која сакаме да се израмниме во начинот на управување со информациите?

За време на конференцијата ќе имаме спикери од повеќе Западно Европски земји каде одлуките базирани на податоци се секојдневие веќе неколку години. Предизвикот на ИКТ секторите во овие земји е како преку различни видови на технологии, да го извадиме максиумот од секој податок. Примери за тоа низ каков процес на дигитална транспормација поминува енергетската индустрија во Данска, или како технологиите како вештачка интелигенција и машинско учење ја креираат иднината во банкарството, се само дел од темите кои бидат покриени за време на конференцијата.

Филип: До каде сме ние во областа?

Ме радува фактот што Македонија засилено почнува да се движи напред и компаниите во последнава година почнаа се повеќе и повеќе да се освестуваат и да планираат развој во областа, а искусните менаџери на големо почнаа да се интересираат за областа. Ние како консалтинг компанија сме спремни за периодот и побарувачката која што следи и постојано инвестираме во капацитети кои ќе ги адресираат потребите на компаниите, а нашата Академија веќе помина бројка од 100 слушатели на обуките за Data Science и Бизнис Интелигенција. Очекувам дека со вакво засилено темпо, за 2 до 3 години од сега ќе можеме да се пофалиме со многу компании на пазарот кои ќе имаат комплетни аналитички складишта на податоци, во работењето ќе комбинираат операциони системи и сензори со цел добивање на подетална слика за оперативното работење и кои ќе им дадат преглед од 360 степени на својата компанија, своите клиенти и своите бизнис процеси.

Анита: Колку и од кои индустрии очекувате присуство на престојната конференција. Од кои земји се спикерите и панелистите?

Агендата вклучува вкупно 18 спикери, а регистрирани до овој момент се веќе 220 слушатели за конференцијата од скоро сите вертикални индустрии во нашата земја. Секако предводат претставници на ИКТ секторот, банкарскиот сектор, секторот за енергетика, претставници на владиниот сектор, невладиниот сектор, академската заедница, консултанти, донатори, студенти и медиуми.

Целта беше да покажеме дека во Северна Македонија веќе имаме етаблирани компании кои се занимаваат со оваа проблематика заради што и голем дел од спикерите се домашни. Останатиот дел се македонци кои работат во странство, и еден дел се гости од регионот и западна Европа.

Филип: Македонскиот ИКТ пазар расте. Што треба да направиме да го одржиме овој раст?

Во нашата област растот на пазарот е директно поврзан со професионалците кои што работат во областа. Што поголем број на искусни и одлични професионалци имаме во Македонија, толку сме поконкурентни надвор и толку подобри и поголеми проекти можеме да работиме од дома. Токму затоа, мораме да дадеме се од себе како компании да ги задржиме кадрите во Македонија и да понудиме што е можно подобри услови за работа, да понудиме визија која што ќе ги мотивира професионалците да останат дома и од тука да ја градат својата кариера. Од друга страна сметам дека повеќе компании треба да се доближат до оние кои сакаат да се специјализираат во нивната област, како што ние тоа го правиме со Дата Мастерс Академијата и да понудат брза специјализација во одредено поле на своите вработени, а и на оние кои се заинтересирани да навлезат во конкретната област. Со ваквиот чекор, креираме структурирано знаење и припрема на идните професионалци по примерот на големи светски корпорации кои имаат интерни обуки и академии преку кои го гарантираат квалитетот на својата услуга. 

Анита: Каков систем и структура од институциите е потребно да се обезбеди за да продолжи растот на ИКТ секторот? Која е крајната порака на оваа конференција?

Крајната порака на конференцијата е дека последните технологии не се непознати за професионалците во Македонија и дека експертизата дефинитивно постои и во македонските компании. Со продлабочувањето на соработката помеѓу домашните компании кои имаат ваква експертиза и големите компании во Македонија, ќе може да се подигне бизнис секторот на едно повисоко ниво и да се припреми за Европската интеграција која што ни следува. Интеграцијата можеме да ја преживееме само ако се фокусираме на развој според глобалните трендови. Токму оваа соработка ќе даде пример и за домашните професионалци кои размислуваат да ја напуштат државата кои наместо да бркаат интересни и големи проекти работејќи надвор од Македонија, ќе можат својата иновативност и креативност да ја покажат дома работејќи со домашните компании.



Спонзорирани линкови

Маркетинг